Фото: Принт-скрин

Стотици жители на индонезискиот остров Тагуланданг денеска чекаа на пристаништето на островот да бидат евакуирани, додека сив чад продолжи да излегува од кратерот на вулканот Руанг.

Вулканот на островот Руанг еруптираше вчера и исфрли лава, поради што властите евакуираа повеќе од 12.000 луѓе од блискиот остров Тагуланданг.

По вчерашната ерупција, индонезискиот Центар за вулканологија и геолошки опасности го подигна нивото на тревога за вулканот Руанг на највисоко ниво и ги предупреди жителите на островот Тагуланданг дека паѓањето на карпите и лавата во океанот може да предизвика цунами.

– Персоналот за пребарување и спасување од Манадо евакуира 109 жители на Тагуландан до пристаништето Мунте, додека стотици сѐ уште чекаат во пристаништето Минанга да бидат евакуирани – соопшти денеска Националната агенција за пребарување и спасување.

Жителите ќе бидат евакуирани во областа Северна Минахаса на индонезискиот остров Сулавеси. Властите го продолжија прекинот на работењето на аеродромот „Сем Ратуланги“ во Манадо до утре во 12 часот.