Претстојниот хуманоиден робот Оптимус на „Тесла“ го продолжува развојот зад сцената, а новото видео го открива неговиот напредок.
Оптимус последен пат беше виден за време на Денот на вештачката интелигенција на „Тесла“ во октомври минатата година, додека новото видео е доказ за значителниот напредок на роботот во изминатите осум месеци. Иако сè уште заостанува зад некои роботи развиени од компании, како „Бостон дајнамикс“, Оптимус сепак може да оди бавно и да извршува едноставни задачи. Инженерот на „Тесла“ земал предмети и ги ставал во кутија, а Оптимус ги имитирал неговите постапки со своите хуманоидни раце.
Шефот на „Тесла“, Илон Маск, цврсто верува дека Оптимус има одлична иднина. Тој претходно изјави дека најголемиот дел од вредноста на „Тесла“ во иднина ќе се заснова на роботот и дека очекува да продаде значително повеќе роботи отколку електрични автомобили. Маск процени дека побарувачката за роботи може да биде помеѓу 10 и 20 милијарди единици, што е повеќе од бројот на луѓе на планетата.
Тој тврди дека роботот има потенцијал да ја трансформира цивилизацијата и може да доведе до иднина на изобилство каде што нема сиромаштија и каде што луѓето ќе можат да имаат сè што сакаат во однос на производите и услугите.
Се очекува Оптимус да чини околу 20.000 долари, но таа цена би можела да падне по одреден период на производство. Датумот на лансирање на пазарот на роботот сè уште не е објавен.