Озонската обвивка на Земјата, која ја штити планетата од ултравиолетово зрачење за поголемиот дел од човештвото, ќе биде обновена до 2040 година, се вели во научната студија на Обединетите нации објавена неодамна.
Таканаречената озонска дупка, која некогаш се сметаше за голема закана за човештвото, ќе биде целосно затворена над поголемиот дел од планетата во рок од две децении, пишува „Гардијан“.
На половите на Земјата, заздравувањето на озонската обвивка ќе трае подолго, областа над Арктикот ќе биде заздравена до 2045 година, а областа над Антарктикот до 2066 година.
Според научната студија, неопходно е владите да преземат решителна акција и постепено да ги исфрлат супстанциите што ја уништуваат озонската обвивка.
– Акцијата за обновување на озонската обвивка е преседан за климатски кампањи – изјави Петери Талас, шеф на Светската метеоролошка организација, која ја презентира студијата.
Талас додаде дека успехот во обновувањето на озонската обвивка покажува што може и мора да се направи со фосилните горива за да се ограничи ефектот на стаклена градина и да се намали глобалното затоплување.