Овошјето и зеленчукот се основата на здравата исхрана, но доколку јадеме локални што не биле третирани со разни хемикалии. Меѓутоа, повеќето луѓе купуваат овошје и зеленчук од продавници каде што се продаваат производи третирани со пестициди.
Истражувањето на непрофитната организација „Енвајорментал воркинг груп“ (ЕВГ) покажа дека повеќе од 75 отсто од неорганските свежи производи што се продаваат во САД содржат остатоци од пестициди. Студијата се заснова на федерални податоци собрани од илјадници примероци од 46 различни конвенционално одгледувани овошја и зеленчуци.
По завршувањето на истражувањето, ЕВГ создаде две листи врз основа на резултатите: „дрти дазен“, која вклучува овошје и зеленчук што се најзагадени со пестициди, и „клин фифтин“, која вклучува производи со најниско ниво на пестициди.
Лорен Манакер вели дека пестициди не содржат само конвенционалните производи, туку дека и органските производи може да содржат пестициди.
– Органските или природните пестициди или другите адитиви може да звучат безопасно, но во некои случаи високата изложеност може да биде загрижувачка. На пример, бакар сулфат, природно соединение што се користи кај одредени култури за да се спречи растот на габите може да биде поврзано со оштетување на црниот дроб кога изложувањето е премногу високо – додава таа.
На листата на овошје и зеленчук со најмногу пестициди спаѓаат: јагоди, спанаќ, кељ, праски, круши, нектарини, јаболка, грозје, цреши, боровинки, боранија.
Речиси 65 проценти од примероците „клин фифтин“ немаа видливи остатоци од пестициди. Нешто повеќе од 10 проценти од примероците имаа остатоци од два или повеќе пестициди, а ниту еден примерок од првите шест ставки не беше позитивен на повеќе од три пестициди.
Овошја и зеленчуци што имаат најмалку пестициди се: авокадо, слатка пченка, ананас, кромид, папаја, грашок, аспарагус, диња, киви, зелка, печурки, манго, сладок компир, лубеница, морков.