Најновиот проект F.L.Y.O.M на Кирил Василев

Занимливости

Подготвил: Далибор Станковиќ

Поради голема заинтересираност, во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје повторно ќе биде отворена самостојната изложба на Кирил Василев, еден од најмаркантните автори на македонската ликовна сцена. Изложбата ќе биде отворена на 12 јуни. Секое негово претставување пред скопската публика е своевиден празник бидејќи никогаш не може да се предвиди курсот на неговиот ликовен дискурс. Најновиот проект насловен F.L.Y.O.M. е алегорична поставкa, чија изразена сатирична нота недвосмислено упатува на социјална, нималку ласкава критика во чие средиште е човекот.

Кирил Василев работи во Театарот за деца и младинци како куклар и реквизитер. Тој е автор на голем број сценографии и костими во повеќе театарски претстави и филмови, а во 2012 година за претставата „Приказни за Шехерезада и Шахријар“ што режисерот Деан Дамјановски ја постави на сцената на Турскиот театар во Скопје ја доби наградата за сценографија на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.