Стравот беше меѓу чувствата на првите посетители по стапнувањето на најдолгиот висечки мост во светот, кој се протега над планинска долина во Чешка.
– Дојдовме овде затоа што го сакаме адреналинот – рече планинарката Михаела Клестилова кога се приближуваше до мостот долг 721 метар, кој виси 95 метри над земјата на неговата највисока точка и беше отворен вчера.
Мостот го доби името „Скај Бриџ 721“ (Sky Bridge 721), а изградбата, чија вредност е околу осум милиони евра, траеше две години.
– За мене ова е одличен поглед – рече Михал Хофирек, првиот посетител на мостот.
Се наоѓа на повеќе од 1.100 метри надморска височина и поврзува два планински сртови на североистокот на земјата, на 200 километри од Прага и во близина на границата со Полска.
Тој е подолг од мостот „Арока“ во Португалија, кој е 516 метри, а претходно важеше за најдолг висечки мост.