Фото: Архива

Според податоците од Институтот за јавно здравје нема пријавено случаи со морбили во земјава

Ризикот да се рашират морбилите се зголемува, не само поради се поголемото отворање на границите, туку и поради олабавување на ковид-мерките. Така луѓето и децата повеќе ќе се мешаат едни со други. За да се смета дека населението има колективен имунитет за морбили потребен е опфат на вакцинација од 95 проценти во одредена држава. Повеќе земји од регионот предупредија дека бројките на вакцинирани деца се далеку од доволни, како и на можна нова епидемија.

Сепак, каква е состојбата кај нас?

Според податоците од Институтот за јавно здравје нема пријавено случаи со морбили во земјава во последните три месеци. Од Министерството за здравство информираат дека во 2021 година, опфатот со МРП вакцинацијата бележи зголемување во однос на 2020 година и изнесува 70,4 отсто на национално ниво.

– Исто така е зголемен и опфатот со МРП ревакцината кој изнесува 80,4 отсто – посочуваат оттаму.

Пад на вакцинација поради ковид-пандемијата

Според Светската здравствена организација (СЗО), во Црна Гора има најмал број вакцинирани деца против мали сипаници во светот – само 23,8 отсто од доенчињата во 2020 година биле вакцинирани со две дози. Драматичниот пад на стапката на вакцинација ги принудил тамошните експерти за јавно здравје да се подготват за, како што ја нарекуваат, неизбежна епидемија на морбили.

Инаку, според СЗО, и други балкански земји немаат колективен имунитет. Опфатот со вакцинацијата против морбили опаднал за време на ковид-пандемијата, поради иста причина како и порано, дезинформациите. Во Србија, 78 отсто од децата ја примиле МРП-вакцината.

Колку се опасни морбилите?

Првите знаци на инфекција со морбили обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува осип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото. Се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање.

Некои луѓе ги поминуваат малите сипаници многу лесно, но кај некои можат да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации.

Кај 20 отсто од случаите настанува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Морбилите може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот.