Благодарение на првото дигитално скенирање на бродот „Титаник“, неговите остатоци се прикажани на сосема нов, досега невиден начин, пишува „Би-би-си“.
Станува збор за најпознатиот брод на светот, кој повеќе од еден век лежи во Атлантикот на длабочина од 3.800 метри. Дигитално скенираниот модел на „Титаник“ е создаден со мапирање на длабокото море и претставува уникатен 3Д-поглед на целиот брод, кој изгледа како Атлантикот да е пресушен. Ова ја претставува надежта да се открие што, всушност, се случило со бродот што потона во 1912 година, кога загинаа повеќе од 1.500 луѓе. Бродот удрил во санта мраз на своето прво патување од Саутхемптон до Њујорк.
– Сè уште има фундаментални прашања за бродот на кои треба да се одговори – рече аналитичарот Паркс Стивенсон.
Тој рече дека овој модел е еден од првите големи чекори кон истражување засновано на докази, а не на шпекулации.
„Титаник“ е нашироко проучуван откако неговите остатоци беа откриени во 1985 година, но тој е толку огромен што камерите во темните длабочини можат да покажат само зачудувачки слики од делови од бродот што се распаѓа, а не од целиот брод. Новото видео целосно го покрива бродот и го открива целиот „Титаник“, кој е поделен на два дела, односно лакот и крмата се оддалечени околу 800 метри еден од друг, додека огромно поле со отпад го опкружува бродот.
Бродот беше скениран во текот на летото 2022 година од „Магелан“, компанија за мапирање на длабочините на морето, како и од „Атлантик продакшн“, која учествува во снимањето документарен филм за целиот проект.
Подморници што далечински беа управувани од специјален брод поминаа повеќе од 200 часа во истражување на должината и ширината на потонатиот брод, а повеќе од 700.000 фотографии беа направени од секој агол за да се создаде точна 3Д-реконструкција.
Водачот на експедицијата, Герхард Зајферт, рече дека „Магелан“ го завршил најголемиот проект за скенирање под вода досега.
– Длабочината од речиси 4.000 метри каде што се наоѓа бродот е голем предизвик поради струите, а не смеевме да допреме ништо за да не ги оштетиме остатоците од бродот. Исто така, предизвикот е што секој квадратен сантиметар мора да биде мапиран, дури и неинтересни делови како калта во отпадот од терен, но тоа е исто така неопходно за целокупната слика – рече тој.
Скенирањето го покажа обемот на бродот, како и некои мали детали како серискиот број на еден од пропелерите. Лакот, кој сега е покриен со сталактити од ’рѓа, сè уште е препознатлив, а на врвот се наоѓа палубата за чамци каде што отворена дупка овозможува поглед на празнината каде што некогаш биле големите скали. Крмата, пак, е хаотичен куп метал, бидејќи овој дел од бродот се урнал додека бродот „потонал“ во морското дно. Во околното поле со остатоци има разни предмети, украсени метални бродски конструкции, статуи и неотворени шишиња шампањ, но и лични предмети меѓу кои и десетици чевли.
Стивенсон го проучувал „Титаник“ многу години, но и самиот е воодушевен од скенирањето на бродот.
– Тоа ни овозможува да го видиме потонатиот брод како што досега не сме можеле да го видиме, а исто така е прикажан во целост. Ова, всушност, е вистинската состојба на потонатиот брод – додаде тој.