Агенцијата за филм на Македонија и оваа година ќе биде присутна на филмскиот маркет, кој се одржува од 16 до 27 мај, во рамките на Канскиот филмски фестивал, каде што ќе биде промовирана македонската кинематографија. Од најновата филмска продукција поддржана од Агенцијата за филм, проекции на маркетот на Канскиот филмски фестивал ќе има вториот долгометражен филм на Вардан Тозија насловен „М“, во продукција на „Фокус покус филмс“, односно во копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција. Станува збор за дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко, кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус е во потрага по својата мајка. Филмот ќе ја има својата проекција вечерва.
Оваа година на Канскиот фестивал во програмата „Ворк ин прогрес“ ќе биде претставен и проектот „Лојнес“ на режисерот Дириан Џесперес, копродукција на Белгија, Франција, Македонија и Англија.
Краткометражниот филм во режија на Гоце Трајковски, „Досие иднина“, а во продукција на „Слобода филм“ ќе биде дел од каталогот на „Шорт филм корнер“ и за таа цел, филмот ќе биде достапен во приватна и обезбедена видеобиблиотека, до која имаат пристап само акредитирани професионалци што се заинтересирани за кратки филмови за време на фестивалот. Се работи за драма/мистерија во кој улогите ги играат: Ебру Мусли, Ана Стојановска, Решид Береда.
Покрај овој работен дел, во рамките на Канскиот филмски фестивал, Агенцијата за филм ќе реализира низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот. Македонскиот штанд во СЕЕ-павилјонот ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал.