Македонскиот павилјон во кој е поставен проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот ’Свети Јоаким Осоговски‘, 1992 – 2017“, како национален претставник на Македонија, е отворен во рамките на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година.
Комесарка на проектот е Дита Старова Ќерими, а куратори се: Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Горан Петров. Излагачи во поставката се: Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски.
Изложбата е посветена на Летната школа на Архитектонскиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ја согледува школата како психогеографски асамблаж од парчињата, спомените, кажувањата, приказните за настаните, местата и луѓето во и околу Летната школа. Првата школа започна со истражување на корените на преродбенската архитектура во делото на протомајсторот Андреа Дамјанов, документирајќи ги објектите и нивната поставка во манастирот. Низ годините, Летната школа се формираше во еден уникатен педагошки експеримент, во неизвесната авантура на учење, правење и преиспитување на границите на архитектурата и уметноста. Дејствуваше од почетокот на бурните 1990-ти во критичното време на геополитичките прекршувања, во времето на поделби ги обединуваше луѓето од различни страни на светот. Беше производ на соработка, сотворење, но и дебата за различните концепти, методи, постапки на учење, мислење и правење на архитектурата. Оваа поставка сака да даде една документарна основа на сеќавањата, приказните, замислите, доживувањата, изложени на заедничка маса, на сличен начин како што на чардакот од конакот се разговараше, работеше, изложуваше. На тој начин собраните објекти, слики, записи, цртежите како траги од минатото ни сведочат за една можна заедничка иднина.