Фото: Пиксабеј

Со популарноста на фитнес-гаџетите и домашната фитнес-опрема (како што се ленти за трчање и велосипеди за вежбање), информациите за бројот на калории што ги согорувате за време на секој тренинг се секогаш достапни. Но луѓето често се прашуваат кои вежби согоруваат најмногу калории и дали е воопшто важно колку калории се согоруваат за време на тренингот. Иако калориите се важни, тие не се единствениот показател за тоа колку е ефикасен тренингот.
Поважно е луѓето да се фокусираат на тоа како се чувствуваат за време на тренингот – дали се чувствуваат уморно, дали се испотиле, колку имаат издржливост или сила. Овие работи повеќе укажуваат на тоа колку е ефективен вашиот тренинг.
Постојат одредени вежби што се поефикасни во согорувањето на калориите од другите. Во таа насока, „Тудеј“ пишува за приближниот број на калории што може да очекува некој што тежи околу 65 килограми да ги согори правејќи ги следните вежби.

Јаже за скокање
Триесет минути (умерено/брзо темпо): 375 калории
Има причина зошто секоја вежбалница има куп јажиња за скокање. Аеробната активност може да ви помогне да изгубите маснотии, да изградите мускулна сила и да ги подобрите моторните вештини и агилноста – и да согорите 375 калории на час, според Американското здружение за срце (АХА).
Со оглед на тоа што прескокнувањето јаже бара да се потпрете на вашата срцевина за рамнотежа, прескокнувањето јаже е исто така одличен начин за зајакнување на стомачните мускули. За почетници се препорачува 15-минутна вежба.

Статичен велосипед
Триесет минути на статичен велосипед (умерено-интензивно темпо): 250-380 калории
Возењето велосипед е одлична кардиоваскуларна вежба. Во зависност од интензитетот, можете да согорите од 250 до 380 калории за половина час возење велосипед. Ако претпочитате да возите велосипед во движење, 30-минутното возење со умерено темпо согорува околу 205 калории.

Трчање
Триесет минути трчање: 330 калории
Многу луѓе што веќе некое време одат брзо, сакаат да воведат џогирање за да го зголемат интензитетот на своето вежбање. Трчањето е кардиоактивност со голем ефект, што ќе согори околу 330 калории за 30 минути, а зголемувањето на брзината на трчање на 15 километри на час согорува неверојатни 640 калории.

Брзо одење
Триесет минути пешачење (многу брзо темпо): 306 калории
Добри вести за оние што мразат трчање: според Американскиот совет за вежбање (ACE), одењето со брзо темпо од 8 километри на час согорува речиси исто толку калории како и џогирањето.
Брзото одење вклучува движење со голема брзина и вклучување на рацете, што согорува повеќе калории отколку одење со побавно темпо. Во деновите кога треба да одите малку побавно, одењето со умерено темпо сепак согорува 160 калории за 30 минути. Одење со која било брзина има важни здравствени придобивки. Всушност, една неодамнешна студија покажа дека одењето само 4.000 чекори дневно почнува да го намалува ризикот од смртност од која било причина, додека одењето само 2.337 чекори дневно го намалува ризикот од смртност од кардиоваскуларни болести.