Фото: М.Т.

Пладневно матине со Јурица Паѓен, лидерот на хрватската група „Аеродром“ во Скопје

Жал ми е што многу долго не сме настапувале во Македонија, иако имаше некои обиди. Очекувам покана и јас со задоволство ќе дојдам со бендот, бидејќи знам дека песните на „Аеродром“ и тука се популарни, вели Јурица Паѓен

Јурица Паѓен (69) , водачот на популарната хрватска група „Аеродром“, чии хитови сѐ уште живеат и се слушаат во регионот, кој исто така членувал и во култните групи „Азра“ и „Парни ваљак“, а имал и бројни други музички проекти, денеска напладне се сретна со македонските новинари во центарот на Скопје.

Повод за неговото доаѓање во градот каде го служел воениот рак, а првпат, како што откри тука стапнал како член на „Парни ваљак“, е утрешниот концерт „Памтим само сретне дане“, што ќе се одржи во Македонска филхармонија.

На концертот ќе се пеат хитовите на загрепската поп рок школа од 1980-те и 1990-те години во придружба на Филхармонија, а Јурица Паѓен, ќе ги изведе своите големи хитови: „Фратело“, „Обична љубавна песма“ и „Стави праву ствар на право место“.

Популарните рефрени, освен Јурица, ќе ги исполнат и неговиот пријател и колега Владо Калембер, кој исто така присуствуваше на средбата, Аида Мушановиќ-Аршиќ, Дејан Цукиќ, Агни Афшар, Мартина Мајерле и Макс Хозиќ.

Домаќин на неформалната прес-конференција беше Иван Беќковиќ, претставник на „Кроација рекордс“ во Македонија.

– Јурица Паѓен на музичката сцена е повеќе од 50 години. Членувал во „Група 220“, „Парни ваљак“, „Азра“…, бил дел од „Севдах шатл бенд“ на Џони Штулиќ, снимил неколку соло-албуми, соработувал со многу музичари од регионот, но главниот дел од кариерата и го посветил на групата „Аеродром“. Голем пријател на групата „Леб и сол“, уште од осумдесеттите, кога служел војска во Скопје. Тогаш по покана на Влатко Стефановски свирел на албумот „Калабалак“, а бил дел и од музичарите на инструменталката „Успаванка за Радмилу М“. Негови последни дискографски остварувања се студискиот албум „Дневни ритуали“ и двојниот лабум со најголемите хитови на групата „Аеродром“. Во подготовка е нов музички материјал, што деновиве беше најавен со првиот сингл за кој е снимен и спот – рече Беќковиќ.

Јурица надополни дека исто така соработувал и со Бодан Арсовски во еден музички проект.

– Никогаш нема да ја заборавам вечерата кај мајка му на Аки Рахимовски, по концертот на „Ваљак“ во Скопје, која беше многу вкусна. Тука доаѓам и да се видам со мојот пријател Тоде, кој драго ми е што и сега е со нас, кој ми ги покажа и убавините на Охрид. Жал ми е што многу долго не сме настапувале тука, иако имаше некои обиди. Очекувам покана и јас со задоволство ќе дојдам со бендот, бидејќи знам дека песните на „Аеродром“ и тука се популарни – посака Јурица Паѓен

Познатиот композитор Григор Копров, кој исто така беше на средбата, веднаш упати покана до Паѓен ова лето да гостува на „Охрид фест“.

Убави би било и скопската општина Аеродром, како што беше речено, да го покани овој бенд со исто име, на некоја од своите летни манифестации.

Фото: М.Т.

Соработка со скопјанецот Џони Штулиќ

Бидејќи Паѓен бил член на групата „Азра“, секако се потсети на тие времиња.

– Двојниот албум на групата „Азра“, со 50 песни е снимен без никакви интервенции на настапот на Салата на спортовите во Загреб, тоа беше фантатсично искуство. Горд сум што сум автор на четири песни на култната група, а еве ќе ви откријам, Џони ми нудеше и процент од новите плочи само да бидам до него. Морам да ви кажам и дека документот со кој се одбива неговата молба за македонско државјанство е залепен на ѕидот во неговата соба и многу е лут поради тоа. Инаку, јас со него последен пат се видов во 2016. година. Често ми велат дека најдобро ги пеам неговите песни, а јас тоа го објаснувам со нашата духовна и ментална сличност. Заедно направивме и песна посветена на Џон Ленон, на која свиреше и познатиот музичар Бошко Петровиќ, која се наоѓа на албумот „Балканска рапсодија“– ни рече Јурица.

Запрашан дали можеби има намера да го тужи Пол Макартни за плагијат, поради тоа што „позајмил“ 16 тактови од негова песна, а дозволени се само 4, и тоа 20 години откако е создадена, Паѓен рече дека тој тоа го толкува како космичко совпаѓање или синхронизација. Потоа пред присутните ги пушти двете песни и самите се уверивме дека ова што го кажува е вистина.

Сепак, кога го прашавме кој концерт никогаш нема да го заборави, рече дека тоа се петте настапи на Пол Макартни на кои присуствувал.

– И Боб Дилан кога го прашале дали има некој светски музичар пред кого чувствува стравопочит, рекол тоа е само Пол Макартни. Сепак, ако некогаш имам прилика, кога би се сретнал со него лице в лице, би му рекол за „позајмените“ 16 тактови од моја песна – ни откри Јурица Паѓен.

Дефанзива на авторството

Стана збор и за девалвацијата на музиката воопшто и за дефанзива на авторството на сметка на комерцијалата. Сепак, факт е дека големите кантавтори, како што е Јурица, сѐ уште се активни и создаваат, нивните песни траат со децении, а инстант-културата, како што вели и самиот назив, е со краток век.

– Сите мислам дека нашата песна „Фратело“, што утре ќе ја слушне и скопската публика, ни е најпопуларна, бидејќи има најмногу верзии, снимена и во Финска, Германија, а во Србија ја препеа и Аца Лукас, но не е така. Таа има пет милиони посети на Јутјуб, додека „Обична љубавна песма“ има 15 милиони. Убаво е да види на концертите публика од повеќе генерации, која заедно со нас ги пее песните. Иако медиумски новата музика одзема простор, сепак не може да изроди вистински хитови, бидејќи станува збор за кванитет без квалитет. Авторството е желба да го објасниш светот околу себе, да создаваш песни со причина, а денес едиственеа причина е пазарот, парите – тврди познатиот музичар.

Јурица сѐ уште ужива во работата како и порано, зашто музиката, вели, е негов живот. Знае да се поднови со нов инструмент, појачало, но и да разговара со своите наследници – синот матурант и ќерката, прва година средно, кои исто така чекорат по музичките води.

Дознавме и дека негова најдрага песна е „Поздрав с Бардоравни“, што ја снимил со Лаза Ристовски на клавијатури, како и песната „Лаж“, за чиј остар текст имал и проблеми.

Кога при крајот на средбата, која мина во одлична атмосфера, го прашавме дали размислува да напише автобиографија, бидејќи навистина ќе има што да каже, рече: Да, се насобра доста материјал и би била тоа интересна книга, но се надевам дека имам уште малку време, а и чекам понуда од некој издавач пшто нема да можам да ја одбијам.