Фото: МВР

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во интервју за „ТВ21“, одговарајќи на прашањето околу последната пратка на обрасци за патни исправи која што пристигна и дали имаше потреба од пречек, појасни дека тоа било направено бидејќи, како што кажа, „изминатите денови бевме соочени со повеќе лажни вести од типот на тоа дали ќе дојдат или нема да дојдат нови обрасци“, и дека тоа било направено за граѓаните да се уверат дека тоа што го зборува е навистина така.

– Не се занимавам со ситни политички поени на дневна основа или лајк на Фејсбук, тоа е една од главните причини. Да покажам на македонската јавност дека работиме одговорно и транспарентно. Она што го пишуваме на Фејсбук, што денеска го кажуваме тука. Тоа е нормална посета на министер, дополнителен заменик министер, кога оди на полициски објект, му се предава рапорт, прави обиколка на колегите… – истакна Бојмацалиев, додавајќи дека суштината е да докаже и да покаже дека ситемот функционира, а не за себепромоција и она што го зборува изминатите денови дека тоа е така, дека се работи за факти.

Во емисијата „10 минути со“ на „ТВ21“, Бојмацалиев ја објасни ситуацијата во моментот со целиот процес на вадење лични дкументи од поднесување на апликаци до издавање на патната исправа.

– Ако ги земеме статистичките податоци кои ги потенцирам изминативе денови, ние 2021 и 2022 месеците декември и јануари имаме некаде бројка околу 50.000 барања на луѓе за смена на некој личен документ. И тоа мислам дека тие бројки беа ниски, заради таа политичка битка која се водеше на социјалните медиуми и телевизиите дека ќе се укине Преспанскиот договор. Тоа траеше до моментите кога и граѓаните увидоа и самите политичари признаа дека нема да го менуваат Преспанскиот договор, дојдовме до ситуација кога МВР овој декември и јануари прима над 170.000 апликации. Со тоа сакам да потврдам дека МВР е подготвено да прими и толкав број на апликации, да ги услужи граѓаните и во одреден момент да им ги издаде патните документи. И вчера како што знаете, добивме одредена пратка на обрасци и темпото на издавање продолжува со несмален интензитет – потенцираше Бојмацалиев.

На сугестија на новинарот дека МВР треба во секое време да биде подготвено со доволен број обрасци, без разлика дали граѓаните сите наеднаш решиле во последен момент да ги сменат личните документи, Бојмацалиев потврди дека МВР е подготвено да ги задоволи потребите на граѓаните.

– МВР и кога го правел планот, извадени се податоци дека има 1.803.000 кои поседуваат патна исправа и направила рамковна спогодба која ќе обезбеди некаде околу 2.000.000 обрасци. Со последната тура од 145.000 од синоќа и тие што ги чекаме за некој ден 85.000 ќе имаме вкупно досега стигнати 1.700.000 обрасци. Тоа ќе ја покрие целата потреба од обрасци во овој период. МВР планирало и имало точно правец и динамика во која се движи. И били подготвено за сите сценарија и кога имало 20.000 и кога има 2.000 и кога има 170.000 апликации – истакна Бојмацалиев.