Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од избивањето на војната во Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.

Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.

– Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја-членка на ОН – истакна Османи.

Тој посочи дека Македонија им се придружила на 140 земји-членки на ОН за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

– Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат – рече Османи и воедно додаде дека Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.

Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.