Фото : Халк Еко (момент од ланската трка)

Во недела ќе се одржи шестото издание на „HalkEco Skopje Run 10KM“, трка која станува дел од традицијата на град Скопје.

Со цел зголемување на бројот на доброволни донори во Македонскиот дарителски регистер за коскена срцевина, за време на настанот, во рамките на кампањата „Биди срцевина, биди херој“, организирана од страна на Универзитетската клиника за хематологија и Институтот за имунобиологија и хумана генетика, а поддржана од Министерството за здравство, ќе биде отворен пункт каде што сите граѓани на возраст од 18 до 50 години, кои се во добра здравствена состојба, ќе можат да станат дел од Националниот регистар (МДРКС), а со тоа да спасат и човечки живот.

– Сите што сакаат да бидат дел од регистарот, треба да одвојат само 5 минути од своето време и да донираат 5 мл крв. Со зголемувањето на бројот на доброволни дарители во Дарителскиот регистар за коскена срцевина се зголемуваат и шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите за кои единствен спас е трансплантацијата на матични клетки. Заинтересираните граѓани истовремено ќе можат и подетално да се информираат за тоа како и кој може да стане дарител, како и за значењето на трансплантациите како можност за лекување – наведуваат од МДРКС.

Пунктот ќе биде лоциран на стартот на трката, од 8.30 часот, на булевар „Илинден“ пред фонтаната Лотос.