Во едукативниот културен центар „Лабораториум“ се одржа фестивал на современата македонска поп-музика „Поп култура“.
Концерти имаа „Јанг Дади“, „Зии“, „Матеј Фолц“ и „Вански“, а вечерта почна со диџеј-сет на „Димчуга“. Како специјална гостинка од Суботица, Србија, настапи и младата раперка Млада Беба.
На сцената публиката имаше можност во живо да ги чуе песните и хитовите на најзначајните млади претставници на современата македонска поп-музика.
Фестивалот „Поп-култура“ прави пресек на хипхоп-движењето како најраспространета и најпопуларна форма за израз на денешната младина, кое се развива во една свежа, модерна и динамична сцена, како носечка сила на новата генерација млади творци, чија музика веќе има свој одек и признание во регионот. Талентот и посветената работа ги прават овие музичари кремот на современата поп-хоп и, воопшто, млада македонска урбана култура.
„Поп-култура“ наскоро ќе добие и винилно издание, албум компилација што дава пресек на современата поп-продукција на млади македонски музичари. Компилацијата претставува значаен историски документ, запис за времето и квалитетот на оваа сцена, на сѐ уште најценетиот носач на звук во светот – винилот. Плочата ќе биде во издание на „ПМГ рекордингс“ од Скопје.