Јелена Розга некако ја сместував во групата пејачи на лесни поп-песни под големо влијание на далматинскиот мелос. Тој тип на музика никогаш не ми бил особено интересен и, ако може да избирам, ќе изберам нешто посилно, порокерски. Но пред некое време видов плакати дека доаѓа во Скопје да го промовира нејзиниот последен албум „Минут срца мог“, составен од преработки на песните на групата „Магазин“, и тоа во акустична верзија.
Концертот се одржа во преполната сала „Борис Трајковски“, бината огромна, светилки, видеобим, музичарите во придружба на танчари, оган висок 3-4 метри, публиката е воодушевена. Врвен професионализам. Се редат хитовите: „Родит ќу ти кчер и сина“, „Бижутерија“, „Краљица“, „Дјевица“, „Има наде“, „Цунами“, „Нирвана“… Редоследот не е ни важен, важно е дека сплитската Бијонсе е пејачка што знае како треба со публиката, која не престанува да пее, ѝ ги знаат сите песни напамет. Голем дел од текстовите на прекрасните песни има напишано Вјекослава Хуљиќ, сопругата на Тончи Хуљиќ, лидерот на „Магазин“. Текстовите претежно ги откриваат емоциите, доживувањата на секоја жена, љубов, разделба.
Концертот траеше три часа, без прекин. Каква кондиција, посветеност и љубов излегоа од Јелена не може да се опише. Немаше бис, на крајот целата постава, составена од 21 член, излезе на бината да се поздрави со публиката, а публиката не сакаше да си замине. Негде пред полноќ ја напуштам салата со заклучокот дека онаа млада девојка што пееше далматински поп-песни израснала во мегаѕвезда, која може да наполни и некои поголеми европски сали.
Љупчо Давчев