Седми јуни – Денот на македонскиот правопис
На Денот на македонскиот правопис секоја година се потсетуваме дека зад правилата за пишување не стојат само букви, запирки и правописни решенија. Стои јазикот како еден од најважните белези на нашиот културен идентитет и историски континуитет.
Денес правописната норма во Македонија се применува нерамномерно. Во образованието, науката и во дел од институциите, сè уште, постои свест за нејзината важност, но во јавниот простор сè почесто сме сведоци на негрижа кон јазичната култура. Доволно е човек да ги отвори социјалните мрежи, интернет-порталите или рекламните пораки за да се соочи со многубројни правописни, граматички и стилски отстапувања. Причините за ова се повеќеслојни. Живееме во време на брза комуникација, во кое брзината често станува поважна од точноста. Сè посилно е и влијанието на англискиот јазик, а сè поретка е навиката напишаниот текст да се прочита уште еднаш пред да биде објавен. Но не би било праведно целата одговорност да ја префрлиме врз новите технологии. Дел од вината лежи и во постепеното губење на чувството дека јазикот е вредност што треба постојано да се негува.
Особено загрижува кога непочитувањето на правописната норма доаѓа токму од местата од кои се очекува пример – од медиумите, од институциите и од носителите на јавниот збор. Ако тие не покажуваат грижа за стандардниот јазик, тешко може да се очекува таква грижа од младите генерации. Сепак, не сум приврзаник на катастрофични оценки. Македонскиот јазик низ својата историја поминал низ многу потешки искушенија од едно неправилно напишано соопштение или објава на социјалните мрежи. Но токму затоа што сме наследници на генерации што се бореле за неговото признавање, кодификација и афирмација, имаме обврска да се однесуваме кон него со повеќе внимание и одговорност. Правописот не е збир на строги забрани и наредби. Тој е договор на една јазична заедница за тоа како ќе комуницира во писмена форма. А секој договор вреди само ако се почитува.
Како член на Редакцијата и координатор на проектот за подготовка на проширеното издание на Правописот на македонскиот јазик од 2015 (второ и трето издание во 2017, односно 2025 година), одблиску имав можност да ги согледам и сложеноста на овој процес и одговорноста што ја носи кодификацијата на јазичната норма. Во работата беа вклучени близу педесет експерти од различни области, со различни научни пристапи и ставови. Денес, кога гледам наназад, можеби сум најгорда токму на фактот што успеавме да изградиме атмосфера на соработка, заемна почит и стручна аргументација. Во време на длабоки поделби и лесни конфликти, тоа беше доказ дека кога станува збор за македонскиот јазик, заедничката цел може да биде поважна од личните разлики. Но ниту еден правопис не живее во кабинетите на лингвистите. Неговото вистинско место е во училиштата, редакциите, институциите, во медиумите и во секојдневната комуникација на луѓето.
Затоа, на Денот на македонскиот правопис вреди да се потсетиме дека негов најголем чувар не е ниту комисијата што го подготвува, ниту институцијата што го издава. Неговиот најголем чувар е обичниот говорител на македонскиот јазик. Тој е единствената вистинска константа во сите општествени и политички промени низ кои минува државата!

































