- Сигналите што се клучни за безбедно патување по воздушен и поморски пат се нарушени низ целиот свет
На 21 мај, додека британскиот министер за одбрана Џон Хили се враќал дома од Естонија, сателитскиот сигнал на авионот во кој се наоѓал бил попречен за време на летот. Низ целиот регион на Балтичко Море, попречувањето на навигацијата во бродоградбата и воздухопловството стана постојан проблем. Сега, оваа субверзивна активност брзо се засилува и на Блискиот Исток.
Хили и неговиот тим едвај се качиле во нивниот авион на Кралските воздухопловни сили по посетата на британските трупи во Естонија, кога сигналот бил прекинат. Како што објави „Тајмс“, пилотите биле принудени да користат „ревизионирани“ инерцијални навигациски системи за да ја одредат локацијата. Пречките, исто така, предизвикале дефект на делови од контролната табла во пилотската кабина на авионот „дасо фалкон 900 ел икс“, кој го користи и британскиот крал.
За среќа, вештите пилоти безбедно го слетале авионот во Обединетото Кралство. Инцидентот е потсетник за предаторите што ги прогонуваат авионите на европското небо овие денови. Малициозните актери постојано емитуваат сигнали што ги блокираат навигациските системи на авионите. Уште полошо, тие емитуваат сигнали што ги нарушуваат тие навигациски системи, оставајќи ги пилотите и персоналот на земјата несигурни дали локациите што ги гледаат на нивните инструменти се точни.
Минатиот септември, европските власти објавија дека приближно 123.000 лета биле погодени од такви навигациски пречки во текот на првите четири месеци од 2025 година. А авионите не беа единствените погодени транспортни средства: бродовите, кои исто така користат сателитска навигација, страдаа од истото блокирање и лажирање. Хиперпрецизните навигациски алатки се клучна причина зошто бродовите и авионите можат да се движат толку блиску еден до друг. Без сателитска навигација, денешното пренатрупано небо и океани не би биле можни.
Минатата есен, ситуацијата беше толку вознемирувачка што Собранието на ИЦАО, законодавното тело на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, го осуди мешањето и презеде вонреден чекор за идентификување на клучните сторители.
– Гледаме манипулации во Црно Море, Црвено Море, Оманскиот Залив, источниот Медитеран, Балтичко Море, Персискиот Залив – рече Бен Весткот, директор за дигитални услуги во фирмата за поморска безбедност „Амбреј“, додека главниот комерцијален директор во компанијата, Џошуа Хачинсон, додава дека „бродовите или не добиваат сигнал или добиваат искривен сигнал, при што попречувањето на ГПС е најголемата закана по обем за индустријата во овој момент“.
Кога станува збор за авијацијата, „навигациските пречки се случуваа повремено, но сега всушност се постојани“, истакнува Рафаел Монштајн, коосновач на консултантската компанија за безбедност на авијацијата „Скај дата сервисес“. Тој додава дека навигациските попречувања се мерка за способноста на двете страни во војната во Иран за одбрана од беспилотни летала.
Проблем претставува што нациите, па дури и комерцијалните компании, можат да создадат попречувања релативно лесно. Електронското војување сега е клучна компонента на модерното војување. Сето ова го отежнува летањето за авиокомпаниите во погодените региони, вклучително и за оние што обновија одредени услуги до и од Заливот. Нужноста рачно да се утврди и потврди локацијата на авионот го зголемува веќе значителниот товар на пилотите.
– Многу авиокомпании во суштина се навикнаа на ова. На нивните брифинзи, пилотите сега добиваат предупредувања ако постои ризик од попречување – посочува Монштајн.
Тие знаат како да се движат без помош на сателити, но тоа е дополнителна задача што мора да ја усовршат до совршенство. За среќа, авионите, особено комерцијалните авиони, се конструирани за да можат да летаат и покрај пречките на ГПС-системите. А слична главоболка се шири и меѓу екипажите на бродовите.
– Со текот на генерациите, светот стана зависен од ГПС-системите како примарна форма на навигација. Сега, екипажите мора да се приспособат на новата реалност. Неодамна, имавме екипаж што ни се јави да добие совет затоа што не беше навикнат да плови без ГПС-поддршка – рече Весткот.
Пред неколку години одредени морнарици одново почнаа да ги обучуваат своите морнари за небесна навигација, вештина целосно отпорна на пречки што им овозможи на морнарите со векови да пловат околу светот. Но не сите комерцијални морнари имаат таква обука.
И ова не е проблем само за екипажите во воздух и на море. Персоналот на копно не може да биде целосно сигурен каде се нивните авиони и бродови. Покрај тоа, Весткот истакна дека „временските сигнали (кои ја документираат локацијата на бродовите и авионите во кое било време) се поврзани со ГПС-системите“. Ова значи дека ако ГПС-сигналите се погрешни, тогаш временските печати можеби повеќе нема да бидат точни, создавајќи компликации за мноштво индустрии, како што се осигурителите, кои се многу зависни од овие информации.
Уште повеќе, секој е исклучително свесен дека блокирањето и лажирањето може да предизвика сериозна несреќа. Преку нивната постојана активност, блокирачите и испраќачите на лажни сигнали намерно изложуваат безброј цивили на ризик.
Сега, владите се обидуваат да помогнат. Во март, Европската Унија објави акционен план што ќе обезбеди упатства за тоа како екипажите и контролорите на летање треба да работат за време на ГПС-пречки. Норвешка постави три станици за следење на пречките и планира да додаде уште две. А ДНК, глобален поморски осигурител со седиште во Осло, Норвешка, започна пионерска иницијатива што им нуди на своите членови сателитски сигнали од пониска орбита, кои се многу потешки за нарушување од обичните.
Добро е што можеме да се потпреме на вештините усовршени од Кристофер Колумбо, Васко де Гама и Фернандо Магелан, заедно со нови решенија како навигација во ниска орбита. Но глобалната јавност може да помогне и со тоа што ќе ги повика на одговорност земјите виновни за ова крајно неодговорно попречување.

































