Македонија е избрана за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации
Од тивка дипломатија во ЕКОСОК, преку лобирање, до зацврстување на позициите за националните интереси
- Влезот во едно од клучните тела на Обединетите нации за периодот 2027-2029 година отвора широк маневарски простор: од влијание за заштита на националниот идентитет, па до директно диктирање на приоритетите за транзициски напредок, раст и развој, како и странски инвестиции и ИТ-грантови
Изборот на Македонија за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за периодот 2027–2029 година несомнено претставува крупна дипломатска победа. Во време кога глобалните геополитички сили се прераспоредуваат, добивањето место на една од клучните маси во Њујорк не е само формално признание туку и стратешка алатка со сериозен потенцијал.
Според премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, овој успех е резултат на долгорочна дипломатска работа и градење доверба.
Сепак, вистинскиот предизвик започнува сега: како оваа позиција да се капитализира за заштита на националните интереси, лобирање за уставното име, заштита на малцинствата и економски развој. За една помала држава како што е Македонија, мултилатералната дипломатија е единствениот простор каде што гласот вреди исто колку и на големите сили, се разбира, само доколку се настапува мудро.
Токму местото во ЕКОСОК ѝ овозможува на Македонија да ја применува таканаречената тивка дипломатија, каде што формалните состаноци се само параван за вистинските пазарења што би се случувале далеку од очите на јавноста. Токму таму се крие шансата за лобирање и зацврстување на позициите околу уставното име и националниот идентитет, прашања што остануваат под постојан притисок од соседите во билатералните односи.
Дипломатски маневар: Лобирање на маргините за името и малцинските права
Иако ЕКОСОК формално не решава политички и територијални спорови, тој директно ги координира сите комисии на ОН што се занимаваат со човекови и социјални права. Оваа позиција ни дава неколку клучни предности.
Прво, како полноправна членка, Македонија има зголемен кредибилитет кога се обраќа пред телата на ОН, каде што може постојано да ја истакнува позицијата на народите сами да одлучуваат за името на државата, симболите и слични слободи што им се загарантирани во согласност со меѓународното право, чиј чувар треба да се токму ОН.
Понатаму, како членка со гласачко право и зголемен кредибилитет, Македонија може поактивно да поддржува резолуции, да лобира кај независни експерти на ОН (специјални известувачи) за малцински права и да го засили својот глас при разгледување на извештаите за човекови права во регионот. Низ тие тела може постојано да се притиска за поголеми права на малцинствата во земјите, а преку механизмите и форумите за малцински прашања што реферираат до ЕКОСОК, македонската дипломатија добива директен пристап до независни експерти и специјални известувачи на ОН. Ова е шанса неформално, но крајно ефективно, да се актуализира прашањето за системското кршење на човековите права на македонското малцинство во Бугарија и неисполнувањето на обврзувачките пресуди од Стразбур.
Следно, местото во ЕКОСОК овозможува еден вид извонредно фокусирано дипломатско влијание. Имено, во ОН гласовите се најскапата валута. Големите сили и регионалните лидери во ЕКОСОК постојано бараат поддршка за своите економски и социјални резолуции. Македонија тука може да примени прагматичен пристап: поддршка за одредена иницијатива во замена за поддршка од таа земја за нашите позиции на меѓународен план, вклучувајќи и аргументирање на потребата за почитувањето на меѓународното право преку почитување на волјата на македонските граѓани сами да го избираат името на сопствената држава, без наметнување име од соседни земји како што беше направено. ОН мора таа грешка што поскоро да ја увидат и да ја исправат, а прв чекор е земјите што и претходно ја имаа признаено државата под уставното име Република Македонија, слободно да можат да го користат тоа, без никакви ограничувања во нивните билатерални односи со земјава.
Економско влијание: Како самите да си помогнеме преку ОН-фондовите?
Гледано од економски аспект, членството во ЕКОСОК нуди директен увид во глобалните финансиски текови и развојни програми. Досега Македонија најчесто беше пасивен примател на помош, но сега има можност да ги диктира приоритетите на неколку клучни полиња:
– Енергетика и енергетска транзиција: Имајќи ги предвид ограничените резерви на јаглен, но и политиките што одат во насока на поеколошки варијанти што од нас ги бара ЕУ, може да се работи кон насочување средства од Економската комисија на ОН за Европа (UNECE) за македонски проекти за зелена енергија, вклучувајќи и мали нуклеарни централи.
– Странски директни инвестиции: Обезбедувањето место во ЕКОСОК несомнено има влијание и врз подигнување на меѓународниот кредибилитет на земјава кај инвеститорите. Користење на статусот во ЕКОСОК како „печат за стабилност“ пред Светската банка и ММФ, што го намалува инвестицискиот ризик на земјата, нуди можност за ослободување дополнителни средства што би можеле да се искористат за унапредување на многу сфери од општествениот живот.
– Дигитализација и ИТ-сектор: Ова ќе овозможи задржување на младите кадри преку развој на дигиталната економија. Дополнително, отворена е можноста за лобирање за грантови и програми за технолошки развој преку специјализираните агенции на ОН, позиционирајќи ја земјата како регионален ИТ-хаб.
Подобрување на домашните институции преку ОН-стандардите
Вистинскиот ефект од ЕКОСОК ќе се почувствува дома само ако македонските институции го подигнат своето ниво на работа. Ова е шанса да си помогнеме самите на себе преку наметнување на глобалните стандарди во домашниот систем. Учеството во работата на Советот ќе побара од нашите министерства (за економија, за социјална политика, за животна средина) да подготвуваат сериозни, издржани и аргументирани анализи базирани на податоци. Тоа автоматски ќе доведе до усогласување на македонските закони со т.н. Цели за одржлив развој на ОН (SDGs). На тој начин, преку меѓународниот притисок, државата може да ги реформира судството, јавната администрација и социјалниот систем, кои се клучни точки и за нашите евроинтеграции.
Користењето на претходните искуства во Советот за човекови права на ОН и Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје покажува дека македонската дипломатија знае да плива во мултилатералните води. Сега, со ЕКОСОК, маневарскиот простор е значително поголем.
На крајот, местото во ЕКОСОК за периодот 2027–2029 година не смее да се доживее само како дестинација за патување и фотографирање на нашите дипломати во Њујорк, туку како деловна канцеларија со работно време од 24 часа. Нема никаква дилема дека ова е златна шанса Македонија да покаже дека не е само нем набљудувач на меѓународната сцена туку држава што знае како да ги заштити националните интереси, да работи на почитување на меѓународното право како што е сувереното право на избор на сопственото име, да лобира за своите граѓани и да обезбеди економски напредок во глобални рамки. Во спортски жаргон, досуден е пенал за Македонија, на ред е да постигнеме погодок.

































