Ракометната Балканска лига низ призма на поширок регионален политички проект
- Регионалната ракометна лига што стартува оваа есен на Балканот на прв поглед изгледа како спортски проект. Но во поширокиот контекст на европските интеграции и сѐ почестите варијации на модели од типот „Европа во повеќе брзини (нивоа)“, ракометниот регионален проект добива сосема поинаква тежина. Последователно, се добиваат и одговори на прашањето дали ваквите иницијативи се само спортска логика или се дел од поширока стратегија за постепено регионално обединување. Во основа, секоја иницијатива што интегрира, а не дезинтегрира, е за поздравување и охрабрување. Но, сепак, постојат и детали во кои најчесто „се крие ѓаволот“. Познат е концептот на Брисел за „функционална интеграција пред формално членство“. Во таа смисла, Балканот сѐ почесто изгледа како лабораторија за една „европска чекалница“ во која ќе се билда функционалноста на кандидатите за ЕУ. И според тој концепт, спортот, во случајов ракометот, не е само игра туку инфраструктура на една заедничка балканска политичка иднина, под тренерската палка на Брисел
Кога во септември ќе стартува новата регионална ракометна лига, најголемиот дел од јавноста ќе ја доживее како уште едно спортско натпреварување. Но можеби токму во таа лига се крие нешто многу поголемо од спортот. Можеби станува збор за уште еден мал, но значаен чекор во создавањето еден нов балкански простор – не политички сосила наметнат, туку меко изграден преку интересите на луѓето, клубовите, навивачите, економијата и културата…
Брисел смета дека спортот може да стане најмоќната алатка за регионално
поврзување
Балканот со децении се обидува да се интегрира во европските структури, но паралелно останува заробен во национални стереотипи, историски конфликти и меѓусебни недоверби. Додека политичарите зборуваат за европска иднина, граѓаните честопати имаат малку реални можности да се запознаат, соработуваат и комуницираат надвор од формалните дипломатски рамки. Токму затоа спортот може да стане најмоќна алатка за регионално поврзување. Имено, кошаркарската АБА-лига одамна покажа дека е можно навивачи од Скопје, Белград, Подгорица, Загреб, Љубљана или Сараево да развијат чувство дека припаѓаат на ист спортски простор. Иако постојат ривалства, тие ривалства создаваат интерес, публика и комуникација. Денес никој сериозно не го доведува во прашање фактот дека АБА-лигата е еден од најуспешните регионални проекти на просторот на поранешна Југославија. А ракометот има потенцијал да го направи следниот чекор. За разлика од кошарката, ракометот во регионот поседува длабока традиција и силни локални идентитети. Натпреварите меѓу клубови од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина или Црна Гора не се само спортски настани. Тие претставуваат можност илјадници луѓе да патуваат, да престојуваат во други градови, да трошат во локалната економија и да создаваат нови контакти.
Државите што меѓусебно комуницираат и соработуваат потешко влегуваат во конфликти
Еден навивачки автобус што патува од Скопје во Нови Сад или Загреб создава повеќе непосредни човечки врски отколку десетици политички декларации. Во тоа лежи суштината на идејата. ЕУ одамна разбира дека регионалната интеграција е предуслов за поширока политичка интеграција. Не е случајно што Брисел со години ги поддржува иницијативите за заеднички регионален пазар, инфраструктурно поврзување, студентски размени и прекугранична соработка. Зад тие политики стои едноставна логика во која државите што меѓусебно комуницираат, соработуваат (спортски, културно, трговски, економски, образовно итн.) потешко влегуваат во конфликти. Оттаму, новата ракометна лига може да се гледа и како дел од една поширока формула за „подготовка на Балканот за европска интеграција“. Парадоксално, можеби токму спортот ќе создаде поголема европска свест отколку политичките институции.
Ракометна финта во концептот на „Европа во повеќе брзини“
Во последните години сѐ почесто се зборува за концептот на „Европа во повеќе брзини“ или „ЕУ во повеќе нивоа“.
Според ова сценарио, не сите држави би биле интегрирани на ист степен. На врвот би останале економски најразвиените држави од западниот дел на континентот, додека земјите од Западен Балкан би поминувале низ долга транзициска фаза на постепено приближување. Тоа практично значи дека регионот ќе мора сам да создава механизми за развој пред да стане рамноправен дел од европското јадро. А токму тука започнува интересната политичка димензија на спортските лиги. Што ако регионалната ракометна лига е само првиот чекор? Што ако утре се создаде стабилна регионална фудбалска лига? Што ако се формираат заеднички спортски фондови, регионални телевизиски пазари, унифицирани спонзорски системи и заеднички туристички програми поврзани со спортот? Фудбалот би бил вистинска револуција. Имено, доколку некогаш се реализира сериозна балканска фудбалска лига, милиони луѓе би биле директно вклучени во процесот на регионална комуникација. Трибините би станале места на конкуренција, но и на средби. Хотелите, рестораните, транспортните компании и туристичките агенции би добиле нов импулс. Економијата би почнала да ја следи логиката на спортот.А таму каде што постои економска интеграција, обично следува и политичка рационализација на односите. Токму затоа не треба да се потцени симболиката на една ракометна лига. Таа може да биде лабораторија за идни регионални процеси.
Во ракометот, како и во секој спорт, и се добива и се губи, најретки се нерешените резултати
Критичарите веднаш ќе предупредат на ризиците. Ќе потсетат на национализмот, на инцидентите меѓу навивачките групи и на нерешените политички спорови. Но историјата покажува дека интеграцијата никогаш не започнува меѓу оние што се согласуваат за сѐ. Таа започнува токму меѓу оние што имаат проблеми, но сфаќаат дека соработката е поисплатлива од конфронтацијата. Па и Европската Унија е најдобар доказ за тоа. По две светски војни, Франција и Германија не започнаа со политичка федерација. Започнаа со економска и индустриска соработка. Децении подоцна од тој процес произлезе денешната Европа. Балканот нема потреба да ја копира Европа. Но очигледно некој ја следи истата логика. Затоа новата ракометна лига не треба да се гледа само низ призма на резултати, титули и табели. Таа може да стане простор во кој ќе се создаваат нови генерации граѓани што ќе го доживуваат регионот како поле на можности, а не како простор на историски стравови. Можеби тоа звучи утопистички. Но сите големи политички идеи најпрво изгледале како утопија. Прашањето не е дали една ракометна лига може сама да го промени Балканот. Прашањето е дали токму преку спортот започнува процесот што политичарите со децении не успеваат да го завршат. Ако одговорот е барем делумно позитивен, тогаш септемврискиот почеток на новата регионална лига би можел да има значење далеку поголемо од она што денес го претпоставуваат и нејзините основачи. Можеби тоа нема да биде само почеток на ново натпреварување. Можеби ќе биде почеток на една нова балканска приказна.
Но, воедно, ако постои тивка стратегија за Балканот, таа веројатно нема да биде објавена во официјален документ. Ќе се појавува преку спорт, економија и инфраструктура.
И можеби токму затоа најважните политички процеси денес не се случуваат во парламентите, туку на трибините. Р.Н.М.
Што ако регионалната ракометна лига не е само спортски проект?
Балканска конфедерација:
Дали Брисел веќе го има планот?
- Што ако зад сѐ почестите иницијативи за регионално поврзување стои една многу поширока стратегија: создавање неформална балканска конфедерација што се совпаѓа со концептот на Брисел за „Европа на повеќе нивоа“?
Официјално, никој во Брисел не сака јавно да зборува за „спортско сценарио“ што води кон неформална балканска конфедерација, што се совпаѓа со концептот на Брисел за „Европа на повеќе нивоа“, но сепак таму има луѓе што размислуваат гласно. А фактите упорно се редат во истиот правец. Заеднички регионален пазар, заеднички инфраструктурни коридори, заеднички енергетски политики, олеснето движење на работната сила, унифицирани правила за трговија, па дури и сѐ погласни идеи за регионални спортски натпреварувања. Прашањето е едноставно: Дали ЕУ навистина планира брз прием на Балканот или прво сака од него да создаде функционален регионален блок што ќе ги решава своите проблеми пред да влезе во европскиот клуб?
Да не се залажуваме. Брисел не го заборави проектот „Европа во повеќе брзини“ и воопшто не е тешко да се замисли модел во кој Германија, Франција и јадрото на Унијата остануваат на врвот на интеграцијата, додека Балканот добива посебен, понизок степен на членство и влијание. Во такво сценарио, Западен Балкан би бил охрабруван да функционира како единствен економски и политички простор, без формално да стане федерација. Еден вид конфедерална заедница без заедничка држава, но со заеднички интереси. Токму затоа спортот добива пошироко значење. Регионалните лиги не ги поврзуваат само клубовите. Тие ги поврзуваат луѓето, капиталот, медиумите, туристичките текови и бизнисот. Создаваат навика за заеднички простор. А секоја голема политичка интеграција најпрво започнува токму како навика. Можеби затоа вистинското прашање не е дали Балканот ќе влезе во Европа. Туку дали Брисел веќе ја гради Европа на Балканот – но според правила што Балканците сѐ уште не ги гледаат јасно. Р.Н.М.

































