Вечерва, во 20 часот, во битолскиот клуб „Јагода“ настапува „Фанк шуи“ заедно со „Фром анадр мадр“ од Загреб, Хрватска. За почетно загревање пред бендовите ќе се погрижи „Бед јују“.
– „Фанк шуи“ е еклектичен колектив од Македонија, воден од ненаситна љубопитност да истражува нови патишта на музичко изразување. Од деби-албумот „Етер“ во 2012 година, бендот постојано се развива, усовршувајќи ги својата визија и звук. Бендот не може лесно да се категоризира, но најдобро е разбран како извонредно искуство што опфаќа низа емоции, стилови и влијанија. Во 2023 година, по низа награди и настапи низ Велика Британија, Полска, Австрија, Германија, Холандија и Балканот, го издаваат својот трет долгоочекуван албум „Никогаш пак“, кој ги содржи сите добропознати претходни хитови, како „Метеори“, „Ветер“, „Невреме“, „Крик“ и многу други.
По двата последователно распродадени концерти во Скопје, по долго време повторно ни доаѓаат во Битола – најавуваат организаторите.
„Фром анадр мадр“ е загрепско трио што врие од енергија и создава тотално лудило на своите концерти, бришејќи ја границата меѓу публиката и бендот. Досега имаат издадено ЕП и два албума, „Bratebra“, „Epileptir“, како и „ATATOA“, кои се во живо отсвирени во над 20 европски држави на неброени фестивали и клубови. На концертот ќе го промовираат нивното ново издание, ЕП од четири песни насловено „Zest“, кое има малку побрзи аранжмани, без компромис, директно и сурово во главата. „My me“ е сингл од ова цеде што излезе заедно со спот пред само неколку дена.
Организатор на концертот е „Пондер“, независна битолска културна иницијатива чија цел е промовирање на независната култура и живата уметност кај младите.