Фото: Архива

Директорот на центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, Горан Трајков, и генералната менаџерка на меѓународниот универзитет за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“, Весна Огненовска, потпишаа протокол за соработка. Со овој документ е предвидена размена на кадри и ресурси меѓу двете институции. Актери, режисери и други театарски дејци од Центарот за култура во Штип ќе учествуваат во работата на проекти на универзитетот и ќе можат да ги користат техничките, просторните и кадровските можности на универзитетот за доедукација и претставување на свои проекти пред пошироката јавност, особено од областа на аудио и звучниот инженеринг, продукција и културен менаџмент, фотографија, камера, монтажа, режија, драматургија, современа актерска игра, осветлување сценски простор, анимација, филм, применета музика и др.
Центарот за култура со своите сценски просторни и технички можности и кадровскиот потенцијал ќе биде домаќин на проекти на универзитетот „Еуропа Прима“, пред сѐ театарски претстави, работилници, едукативни активности, курсеви од областа на аудиовизуелните уметности и медиумската култура. Предвидена е соработка што опфаќа гостувања во Штип на претстави од меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, студентски претстави, концерти и рецитали, филмски проекции на филмови од меѓународните филмски фестивали СЕЕ во Берлин и Париз, проекции на документарни и анимирани филмови од продукцијата на „Еуропа Прима“ и др.
Договорот предвидува и копродукциски проекти од областа на аудиовизуелните уметности и соработка на Центарот за култура од Штип со повеќе универзитети од Европа со кои соработува универзитетот „Европа Прима“, како и заедничко конкурирање со проекти пред европските фондови.