Драган Бјелогрлиќ, актер, сценарист и режисер на филмот „Чувари на формулата“, со кој беше затворен фестивалот „Киненова“ во Скопје, ја раскажа приказната за тоа како дошол до идеја за снимање на приказната за случајот „Винча“, за кој имал слушнато претходно, но пред седум години сфатил дека за тоа ништо не знае освен површната информација што кружела.
– Во 1990-тите почнаа да се отвораат тајни документи и почна да се зборува за атомската бомба, Сето тоа се разбира беше контроверзно, а јас кога ја прочитав книгата, решив да правам филм за случката. Правев истражувања, разгледував документи и списи до кои не можеше да се дојде во јавноста, разговарав со инженери од Винча, имав неколку состаноци со луѓе од државната безбедност, кои ми рекоа дека тој проект, тој фајл атомска бомба постои, но никогаш не излегол во јавност – раскажа Бјелогрлиќ.
Тој рече дека разговарале и со лекари во Франција, ќерката на професорот Мате и ќерката на професорот Шварценберг и дека со сите информации заедно дошле до тоа колкав дел е тајна од целиот случај.
– Филмот имаше промоција пред неколку дена во Париз и единствено што жалам е што не најдовме контакт со донорите и со нивните семејства. Се обидувавме, но поминато е долго време, тие не се повеќе живи. За жал, не се повеќе живи ниту нашите научници, последен жив беше Радојко Максиќ, кој почина пред две години од коронавирус. Нема повеќе живи сведоци, за жал – рече Бјелогрлиќ.
Немало никакви пречки во врска со истражувањето, но имале проблеми со снимањето во Винча. Таму, како што рече, прво имале проблем да добијат дозвола за снимање, но ниту жителите не сакале да зборуваат за тој настан. Наишле на т.н. ѕид на молкот. Постарите научници не биле расположени да споделат информации иако се поминати долги години од случката.

– Очекувам да се развие полемика откако филмот ќе го погледне поголема публика. Тоа е и задачата на културата, да ги заинтригира луѓето, да почнат да се интересираат за некои настани, да се информираат… Но најважно е тоа што не треба да се занемари хуманиот дел од приказната. Би сакал тоа да остави најголем впечаток на луѓето – истакна режисерот.
Двата настана, кои се поврзани, а се дијаметрално спротивни, биле фасцинација за авторот. Од една страна група луѓе прават нуклеарни експерименти со идеја да направат оружје што го разорува светот, а тој настан произведува еден друг настан што го унапредува светот. А плус сето тоа се случува поради емпатија на луѓе што воопшто не се познавале.
– Најинтересно ми беше прашањето дали во денешно време би можело да се случи нешто такво. А настанот се случил пред само 65 години, значи тоа не е многу одамна, а веќе ни се чини дека е невозможно. Тоа е она што мене најмногу ме инспирираше. Затоа и дојдов до таа игра на зборови „чувари на формулата“. И едниот и другиот научник што ги следиме низ приказната трагаат по некоја формула, а потоа пронаоѓаат трета формула – формула на животот, која изгледа сите ние сме ја заборавиле – истакна Бјелогрлиќ.