Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе се ангажира во изнаоѓањето решение за состојбата со „Алта банка“, со цел да се заштитат вработените, штедачите и доверителите на банката.
На надзорната расправа во Собранието посветена на состојбата со „Алта банка“, Мицкоски истакна дека како претседател на Владата има обврска да придонесе за решавање на проблемите што можат да влијаат врз финансискиот систем и граѓаните.
– Како претседател на Влада, се разбира, сè ќе сторам за да најдам решение за проблем што се случува во државата и нема да го игнорирам тој проблем – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека приоритет ќе биде заштитата на работните места во банката, како и интересите на нејзините доверители.
Според премиерот, банката е ликвидна, а Народната банка навремено ги презела потребните мерки во рамките на своите надлежности.
– Стојам на ставот, не само јас, претпоставувам и сведоците кои следат, дека оваа банка е апсолутно ликвидна банка, дека нашиот систем има механизми тоа да го одржи стабилно и дека нашиот систем, во рамките на функционирањето на оваа банка, ја одржал таква каква што е – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, според експертите што ги консултирал, Народната банка постапила навремено и во согласност со предвидените процедури.
– Механизмите што ги имаат на располагање во Народната банка навремено интервенираа. Според сите познавачи што ги консултирав, сите тие велат дека апсолутно навреме е постапено, по книга е постапено, сè со цел да се спаси оваа финансиска институција – нагласи премиерот.
Мицкоски посочи дека со досегашните мерки и со активностите што следуваат се настојува да се заштитат интересите на граѓаните и на државата и да се обезбеди решение за продолжување на работењето на банката.
Осврнувајќи се на комуникацијата со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, премиерот истакна дека смета оти е неопходна навремена институционална координација кога станува збор за значајни промени во банкарскиот сектор.
Според него, важно е претседателот на Владата да биде информиран од надлежните институции за процесите што можат да имаат пошироки последици врз финансискиот систем.
– Не знам како поинаку тоа би функционирало, освен на тој начин на кој функционира еден систем. Ако не е така, тогаш е стихија, а тогаш имаме навистина проблем. Не би сакал додека јас сум претседател на Владата ниту една институција да има проблем – рече Мицкоски.
Премиерот повтори дека Владата ќе продолжи да се ангажира во изнаоѓањето решение за „Алта банка“, при што како главни приоритети ги посочи зачувувањето на работните места, заштитата на доверителите и стабилноста на финансискиот систем, пренесува МИА.
































