Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за внатрешни работи предупредува на зголемен број измамнички пораки што се испраќаат преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи, со кои граѓаните се доведуваат во заблуда дека треба да платат казна за наводен сообраќаен прекршок регистриран преку системот „Безбеден град“, пренесе МИА.

Од МВР појаснуваат дека станува збор за обиди за фишинг-измами, при кои преку лажни пораки и линкови граѓаните се насочуваат кон лажни веб-страници каде што се бара да внесат лични и банкарски податоци, кои потоа може да бидат злоупотребени.

Министерството апелира граѓаните да бидат особено внимателни, да не отвораат сомнителни линкови, да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки и други лични информации на непроверени веб-страници, како и да не вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки.

Воедно, од МВР потсетуваат дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци регистрирани преку системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“. Пораките задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната веб-страница со домен safecountry.mvr.gov.mk.

Од Министерството информираат дека Секторот за компјутерски криминал презема мерки и активности за откривање и санкционирање на сторителите на ваквите измами.