ЈУБИЛЕЈ НА „ТАНЕЦ“

Основан во март 1949 година во Скопје, ансамблот „Танец“ веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и, недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти и, преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој денес е една од најблескавите страници на македонската културна историја.
– Благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмска дејност на основачите, ансамблот низ годините растеше, се развиваше и прерасна во институција за почит. Секогаш цврсто поддржувајќи ги своите основни вредности, од своите скромни почетоци до денес, ансамблот постојано еволуираше и се издигна на нивото на симбол на уметничка извонредност, прикажувајќи го уникатниот живописен мозаик на нашиот културен раскош пред публиката низ светот. Додека ја одбележуваме оваа значајна отсечка во времето, ги имаме на ум целокупната седум и полдецениска посветеност и страст на сите генерации извонредни игроорци, песнопојци, свирачи што оставиле драгоцен дел од својот живот во „Танец“. Нивната непоколеблива заложба за зачувување и промовирање на македонските народни традиции, не само што го збогати македонскиот културен пејзаж туку послужи и како транскултурен и сеопшт катализатор за дијалог и единство во глобални рамки – велат од ансамблот.
Јубилејната сезона веќе е започната и се состои од серија незаборавни концерти и специјални настани што му оддаваат почит на нашето богато наследство и сите заедно ќе ни го отворат патот кон нашата заедничка иднина.
– Со скромни ресурси, сѐ уште без своја концертна сала и зависен од слободните термини на институциите со соодветни сцени, но со голема волја и ангажман за достојно одбележување на 75-годишнината од основањето, „Танец“ со радост и голем ентузијазам ја подготви својата јубилејна сезона. Всушност, кон оваа 75-годишнина се работеше плански и постепено, со развивање долгорочни проекти, кои веќе неколку години се на нашата агенда. Оттука, и оваа концертна сезона започна со самиот извор, со концептот наречен „Изворни минијатури“, со кој ја обиколивме речиси целата држава – се вели во најавата.

Оваа година, „Танец“ во соработка со центрите за култура ќе има концерти во Кавадарци (на 16 мај), Кичево (на 23 мај), Прилеп (5 јули), Охрид (на 10 јули), Битола (на 25 јули), Велес (на 10 октомври) и во Струмица (на 25 октомври).
Промовирајќи ги партнерскиот однос и заедништвото на македонската културна сцена, дел од своите концерти ќе ги изведе во рамките на фестивалите „Денови на македонската музика“, „Скопско лето“ (27 јуни), „Галичка свадба“ (13 и 14 јули), интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ (во рамките на гостувањето во Велес) и, секако, ќе го поддржи со свое гостување јубилејното 50-то издание на познатиот долненски фестивал „Пеце Атанасовски“ (во рамките на гостувањето во Прилеп).
– Секако, освен овие концерти на „Танец“ низ градовите во државата, ансамблот ќе приреди и неколку уникатни концерти пред матичната публика во главниот град. Тука се традиционалниот Велигденски (19 април во НОБ) и Новогодишен концерт (27 декември во НОБ), потоа концертот посветен на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски, знаменитиот автор на антологиски кореографии за „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот (11 јуни во МНТ), како и централниот јубилеен концерт „’Танец‘ – 75 години македонски код“, предвиден за почетокот на 4 ноември во големата сала на НОБ – велат од „Танец“.

Во јубилејната година, „Танец“ и Националната опера и балет во септември ќе заминат на регионална турнеја (прва ваква турнеја на две национални институции во македонската историја), во четири града од поранешна Југославија. Голема е гордоста да ја претставуваме на ваков величествен начин нашата земја надвор од нашите граници, исто толку како и секоја година, па така, и оваа кога „Танец“ ќе настапи на најголемиот државен празник Илинден, на Мечкин Камен и во „Прохор Пчињски“.
Покрај концертирањето, во програмата е и публицистичката дејност во која, секако, централно место има издавањето на новата монографија посветена на 75-годишнината од основањето на ансамблот, со наслов „Седум и пол децении, седум и пол поглавја“ на тројцата автори, етномузиколозите Бранка Костиќ-Марковиќ и Кирил Тодевски и етнологот Светлана Ќириќ, која го направи круцијалниот дел на книгата, драгоцениот каталошки пресек на целиот кореографски репертоар и сите негови носители – вклучени во неговото создавање и изведба во сите овие седум и пол децении.