Андреа Коевска, евровизиска претставничка „Евровизија“ ми се случи во вистинскиот момент

Андреа Коевска, евровизиска претставничка

Нашата годинешна евровизиска претставничка Андреа Коевска (22) веќе е во Торино, Италија, каде што се вршат последните подготовки за нејзиниот евровизиски настап. Таа ќе ја отпее песната „Circles“ на Александар Масевски на Втората полуфинална вечер. на 12 мај, во салата „Пала олимпико“, но и пред 200-милионскиот телевизиски аудиториум. Андреа веќе ја имаше првата проба на евровизиската сцена, каде што ќе ја придружуваат Ана Петановска и Рената Кралевска.

Во последните неколку месеци живеете различно од досега, колку ве сменија сите тие средби, настапи, патувања?
– Најпрво ме сменија како изведувач, затоа што првпат во животот искусувам нешто толку големо, и ми овозможија да се пронајдам себеси и да сфатам каде припаѓам. Во поглед на дружби – нема поубаво чувство од дружење со луѓе што те разбираат во каква позиција си, кои те разбираат со што се соочуваш физички и психички. Тука сме сите за да се поддржуваме, и тоа е еден прекрасен процес, затоа што сите сакаме музика, сите сакаме да сме таму и го разбираме тој притисок.

На првите настапи во живо имавте малку трема, но дали сега се чувствувате подготвено да застанете на евровизиската сцена во Торино?
Не сакам да звучам премногу самоуверено и да кажам дека сум подготвена за сцената во Торино, затоа што навистина не знам што да очекувам, но дефинитивно се трудам да бидам најподготвена што можам со сиот моментален потенцијал што го поседувам и се надевам дека на таа сцена ќе дадам сѐ од себе и сето тоа ќе резултира во нешто убаво. Опкружена сум со прекрасни луѓе, тим со кој секојдневно работиме и едноставно имам добро чувство за настапот.

Изгледате многу сигурна во себе, но малку луто, пркосно, на што се должи тоа?
– Изгледам сигурно во себе можеби поради фактот што отсекогаш сум знаела дека сум родена за музика и дека таму се чувствувам најсигурно – дури на некој начин се борам со себе најискрено и најранливо да го искажам тоа пред сиот свет. Не знам зошто луѓето мислат дека изгледам луто (ха, ха), но можеби е поради тоа што се грижам за себе кога станува збор за музиката, мене тоа ми е најценето.

Со Александар Масевски прво сте напишале друга песна за „Евровизија“, па сте се премислиле. Што преовладеа за вашиот конечен избор да биде „Circles“?
Затоа што и двајцата сметавме дека кога нешто е напишано со одредена цел, на некој начин, е претенциозно и кога ги споредивме песните сфативме дека „Кругови“ е вистинската песна со која јас би сакала да се претставам пред целата публика. Песната е многу лична, мојот глас најдобро звучи во неа и мислиме дека најдобро би резонирала со публиката и така најдобро публиката би ме запознала и мене.

Се чувствувате ли убаво во круговите што постојано се шират и ви го менуваат светогледот?
Искрено, да. Секое искуство е добредојдено, без разлика дали е позитивно или негативно, затоа што ме прави подобра личност на крајот на краиштата во секој можен аспект, особено како изведувачка. Се надевам дека понатаму во животот ќе се среќавам со многу други искуства што ќе ми бидат на еден начин отскочна штица и ќе ми отворат многу врати.

Веројатно сѐ досега течеше според планот, благодарение на тимот на МРТ. Дали сте задоволна од она што го направивте досега?
Дефинитивно сум задоволна од тимот на МРТ, без нив ништо од ова немаше да биде можно. За краток временски период ми станаа како фамилија, затоа што навистина цело време го поминуваме заедно и ми се голема поддршка. Од самиот старт сум задоволна со нив и се надевам нашата соработка ќе продолжи и по „Евровизија“.

Што мислите за другите песни, за учесниците со кои имавте можност да се дружите периодов? Имате ли некој фаворит?
Искрено годинава сите ги сакам на „Евровизија“, бидејќи сите сме многу млади и има многу прекрасна енергија, без ривалство – не сме тука да се докажуваме туку сме дојдени да ја искажеме искрената љубов спрема музиката. Дефинитивно се здружив со доста луѓе, од кои како најблиски би кажала дека ми се изведувачите од Чешка и нивната песна ми е една од поубавите годинава, заедно со песните на Австралија, Србија…

Ќе ни откриете ли некоја ексклузива за настапот?
Не сакам да откривам многу за настапот, затоа што „Евровизија“ е за десетина дена и би било многу поинтересно ако публиката е во исчекување и е возбудена, но можам да кажам дека акцентот ќе се стави на мојата природна експресија и мојата автентичност, затоа што мислам дека така најмногу ќе можам да допрам до слушателите и гледачите.

Студентка сте на Музичката академија, а пеете веќе осум години, иако имате само 22 години. Мислите ли дека „Евровизија“ ви се случува во вистинскиот момент?
Мислам дека „Евровизија“ се случи во правилниот момент. Секако сум тука поради некоја причина и се чувствувам подготвено. Ова е мојата шанса да се покажам пред интернационалната публика, затоа што на крајот на краиштата, сепак, правам музика на странски јазик и се надевам дека тоа што го имам сработено овие неколку месеци ќе можам да го покажам на таа сцена и, како што кажав, се надевам дека ќе ми отвори многу нови врати, па со текот на времето ќе извадам и албум, а најмногу од сѐ дека ќе одам на турнеи.