Природата секојдневно нѐ изненадува со својата убавина, сила и уникатност. За некои места во светот тешко е и да се поверува дека воопшто постојат, но тие се таму илјадници години. Ги издвојуваме трите најнеобични езера што ги посетуваат туристи од целиот свет.

Шарени Езера (Келимуту): Поради нивната необична способност да ја менуваат бојата, го добиле името Разнобојни или Шарени Езера, а се наоѓаат на врвот на вулканот Келимуту во Индонезија. Овие три необични езера настанале како резултат на последната вулканска ерупција, кога на површината се појавиле три кратери. Езерата се појавиле само неколку години по ерупцијата, кога вдлабнатините биле исполнети со талог. На секои неколку години, бојата на водата во резервоарите се менува и може да варира од темнокафена до тиркизна. Како што откриле научниците, тоа се должи на хемиските реакции на различните минерали што се наоѓаат на дното на езерата. Според една легенда на месното население, во овие езера живеат души на мртви предци и нивната боја се менува во зависност од расположението на покојните.

Езерото Медуза (Палау): Ова необично езеро, како што кажува и неговото име, е полно со медузи. Внатре се наоѓаат два вида медузи, златна и лунарна. За среќа, тие не се опасни за луѓето, бидејќи поради недостиг од потенцијална опасност ја изгубиле способноста за боцкање. Оваа неверојатна и атрактивна водна површина се наоѓа во пацифичкиот архипелаг Палау.
Длабочината на езерото достигнува 50 метри. На длабочина од 20 метри нема повеќе живи организми, освен бактерии. За туристите што сакаат екстремни спортови и нуркање, постои голема опасност од хемиско труење. Водата на длабочина од 15 метри е полна со фосфати и амонијак.

Езерото Морнинг Глори (САД): Езерото Морнинг Глори се наоѓа во САД, во националниот парк Јелоустоун. Ова езеро е необично по својата форма, боја и температура на водата. Просечната температура на водата е околу 60 Целзиусови степени. Но најинтересна е неговата боја, која доста често се менува. Тоа се должи на огромното количество алги и мали организми што живеат во езерото. Тие испуштаат различни бои во текот на нивниот живот. Бојата на водата може да варира од светлотиркизна до темновиолетова. Длабочината на резервоарот е околу два и пол метри. Впечатливо е и тоа што езерото понекогаш е целосно мирно, а понекогаш изгледа како водата во него да врие.