Веќе две години просторот во подножјето на карпата е узурпиран од страна на непознати лица што изградија трло за кози, кои се пуштени слободно да пасат по терените низ карпата, информираат од Македонската алпинистичка федерација

Првите алпинистички искачувања во карпите на Демир Капија се направени кон крајот на 1970-тите години. Постепено низ годините се поставуваат голем број спортско-качувачки насоки и благодарение на големиот број одлично уредени насоки за спортско и традиционално качување на карпа, денес Демир Капија е ставена на светската мапа на качувачки локалитети, што во последните десетина години се гледа и преку сѐ поголемата посетеност на локалитетот од страна на качувачи од целиот свет. Демир Капија е најквалитетниот локалитет за качување во нашата земја, а доколку се земе предвид дека се наоѓа на самиот транспортен коридор 10, не постојат никакви дилеми дека насоките за традиционално и спортско качување, односно локалитетот во целина, претставуваат веројатно најважниот елемент на локалниот економски развој.
Македонската алпинистичка федерација во изминатите 40 години активно се грижи за алпинистичкиот локалитет Демир Капија преку обновување на поставените клинови во алпинистичките насоки, уредување на пристапот до подножјето на карпата и чистење на истата таа од небезбедни и нестабилни делови.
Во 2018 и 2019 година со материјална и финансиска поддршка од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Македонија беше обезбедена опрема за обновување на клиновите во насоките, при што се извршени обемни интервенции во насока на подобрување на безбедноста со единствена цел, карпата да биде безбедна и достапна за качување за посетители од нашата земја и од странство.
Но последните години алпинистите се соочуваат со проблем.
– Веќе две години просторот во подножјето на карпата е узурпиран од страна на непознати лица што изградија трло за кози, кои се пуштени слободно да пасат по терените низ карпата. Трлото е „чувано“ од кучиња, кои не дозволуваат пристап под карпата, со што на алпинистите и спортските качувачи им е оневозможено да влезат во насоките и да го користат локалитетот за качување. Според расположивата евиденција од катастарот на РСМ, земјиштето каде што се наоѓа трлото е сопственост на државата, па оттаму се поставува прашање како е можно на земјиште во државна сопственост и во зона на природна заштита да се изведуваат вакви дејства. Од друга страна, земајќи предвид дека станува збор за стрмен карпест терен каде што присуството на животни предизвикува одрони, катастрофално е нарушена безбедноста во зоната под карпата, во делот кон брегот на реката Вардар – информираат од Македонската алпинистичка федерација.

Жално е што најквалитетниот алпинистички локалитет во Македонија во кој се инвестирани големи финансиски и материјални средства и неброени волонтерски денови на македонските алпинисти, сега не може да се користи, ниту од домашните алпинисти, ниту пак од туристите од странство што доаѓаат во Демир Капија заради качување на карпа.
– Последиците за домашниот алпинизам, како и за локалниот активен туризам ќе бидат големи, посебно поради нарушување на имиџот на гостопримливост и безбедност, кое може да има последици и во поширок дестинациски контекст. Македонската алпинистичка федерација во изминатите месеци неколкупати се обидуваше да стапи во контакт со одговорните лица во Општина Демир Капија, за жал, без конкретен резултат. Поднесени се и лични пријави од алпинистите до Државниот градежен инспекторат, кои го препраќаат предметот до општинската градежна инспекција. Извршниот одбор на Македонската алпинистичка федерација смета дека за алпинистички локалитет, кој е од особено национално значење, а наедно е и споменик на природата, неопходна е поенергична акција од страна на соодветните институции, како на државно така и на локално ниво – посочуваат од федерацијата.
Штетата што може да биде предизвикана од аспект на безбедност во локалитетот и руинирање на угледот на Демир Капија како атрактивно место за авантуристички туризам може да биде голема и тешко поправлива.
– Градењето имиџ во туризмот трае со години, додека пак обновувањето на нарушениот имиџ трае со децении. Мудрите рекле дека сѐ што ни се случува во животот, добро или лошо, е резултат на нашите навики. Ќе треба да покажеме дека сме одговорно општество во кое живеат поединци и функционираат заедници со свест и грижа за своето културно, спортско и природно наследство – категорични се од Македонската алпинистичка федерација. С.Ј.