Наградуваната истоимена трилогија на Филип Пулман, која се смета за ремек дело на научната фантастика, е преточена во нова HBO серија „Неговите темни материјали“ (His Dark Materials) чија премиера е закажана за 4 ноември на ХБО ГОУ. Во вторник, 5 ноември, гледачите ќе можат да ја гледаат премиерата и на ХБО каналот во 20 часот. Нови епизоди на ХБО ќе бидат емитувани во истиот термин секој вторник, а еден ден порано новата епизода ќе биде достапна и преку ХБО ГОУ услугата.

Серијата ја следи Лира (Дафни Кин), навидум обична, но храбра млада жена од друг свет. Лира бара еден киднапиран пријател и открива заговор во кој се вклучени украдени деца, што доведува до откривање на еден таинствен феномен наречен „Прашина“. Додека таа патува низ световите, вклучувајќи и еден што ни изгледа познато, Лира среќава едно решително и храбро момче по име Вил. Тие заедно среќаваат натприродни суштества и опасни тајни, а судбината на живите, но и на мртвите, лежи во нивните раце.

Покрај Дафни Кин, во главните улоги ги гледаме и Рут Вилсон (добитничка на „Златен глобус“ за улога во серијата „Афера“), Лин-Мануел Миранда (добитник на награда „Тони“ за претставата „Хамилтон“), Џејмс Мекавој, Кларк Питерс, Џејмс Козмо, Ен Мари Даф, Вил Кин и Арион Бакар.