Фото: Прилепско здужение на Македонците од егејскиот дел на Македонија

Синоќа, крај параклисот „Св. Злата Мегленска“ во Прилеп, со пригодна културно-уметничка програма беа одбележани сто години од смртта на кодификаторот на македонскиот јазик и на македонскиот правопис Крсте Петков Мисирков.

Настанот беше посветен на неговото трајно духовно, културно и научно богатство оставено во наше наследство, како и на неговиот немерлив придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и македонската национална самобитност.

Во програмата учество зедоа членовите на Црковниот хор „Св. Петка“ и средношколците од драмската секција „Слободно театарче“ при СОУ „Ѓорче Петров“, а водителка беше поетесата Верче Искова, претседателка на Прилепското здужение на Македонците од егејскиот дел на Македонија и нивните потомци, кое е органзиатор на ова случување.

– Мисирков е архитект на нашиот јазичен и национален дом. Тој е човекот кој во најтемните и најсомнителните времиња, со кристална јасност истакна дека ние сме посебен народ, со сопствена историја и со сопствено право на иднина – посочи Искова.

Тој е македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.

Автор е на првата книга на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национални друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија, раководител на Тајниот македонско-одрински кружок и личност која го одбележа македонскиот 20 век.
Настанот беше финансиски поддржан од Општина Прилеп.

Ф.Д.