Фото: МИА

Членовите на собраниската Комисија за европски прашања, предводени од претседателот Антонијо Милошоски, денеска се сретнаа со државниот секретар за Европската Унија на Кралството Шпанија, Фернандо Маријано Сампедро Маркос.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Милошоски изразил задоволство од сè поактивниот ангажман на Шпанија во политиката на проширување на Европската Унија и се заблагодарил за континуираната поддршка што земјата ѝ ја дава на европската перспектива на Македонија.

Тој нагласил дека актуелниот момент треба да се искористи за придвижување на процесот на проширување, при што Македонија би напредувала паралелно со Украина и Молдавија преку отворање на преговарачките процеси.

 – Проширувањето ќе биде вин-вин ситуација во насока на обединета Европа – истакнал Милошоски.

Воедно, тој побарал Шпанија, како влијателна земја-членка на Европската Унија, да даде поддршка во надминувањето на билатералниот спор со Бугарија преку изнаоѓање заемно прифатливо решение.

Од своја страна, шпанскиот државен секретар Фернандо Маријано Сампедро Маркос ја потврдил поддршката на Шпанија за полноправно членство на Македонија во Европската Унија, нагласувајќи дека пристапниот процес треба да се темели на заслуги, исполнување на критериумите и почитување на европските вредности.

Соговорниците се согласиле дека средбата претставува уште една потврда за добрите билатерални односи меѓу двете земји и за заедничката определба за натамошно продлабочување на соработката преку размена на искуства, добри практики, интензивирање на меѓусебните посети и заеднички активности во повеќе области.