Фото: Пeкселс

Во Македонија годинава се регистрирани вкупно осум случаи на западнонилска треска, од кои седум се лабораториски потврдени, а еден се води како веројатен, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во текот на јули се потврдени пет нови случаи, при што кај двајца пациенти симптомите се појавиле во јуни, а кај еден уште во мај. Најновиот случај е регистриран минатиот четврток.

Од вкупниот број заболени, шест случаи се автохтони и се регистрирани во Скопје и Велес, додека едно лице од Скопје имало историја на патување во Грција, но инкубацискиот период го опфаќа и престојот во Македонија.

Меѓу заболените има седум мажи и една жена. Најголем дел од пациентите, шест лица, се постари од 60 години, додека двајца се на возраст меѓу 50 и 59 години.

Сите пациенти развиле потешка, невроинвазивна форма на болеста со зафатеност на централниот нервен систем и биле хоспитализирани. Тројца од нив веќе се пуштени на домашно лекување.

Западнонилската треска во Македонија првпат е регистрирана во 2011 година. Од тогаш до крајот на 2025 година биле евидентирани 54 лабораториски потврдени случаи, при што пет лица починале од компликации поврзани со болеста.

Западнонилската треска е вирусно заболување што се пренесува преку каснување од заразен комарец. Природниот циклус на вирусот се одвива меѓу комарците и дивите птици, додека луѓето и коњите се случајни домаќини. Болеста не се пренесува од човек на човек, освен во ретки случаи преку трансфузија на крв или трансплантација на органи.

Инкубацијата трае од три до 14 дена. Кај околу 80 проценти од заразените инфекцијата поминува без симптоми, додека кај околу 20 проценти се јавува треска и полесна клиничка слика. Помалку од еден процент од заразените развиваат тешки невролошки компликации, како воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или парализа, кои можат да бидат и животозагрозувачки.