фото: НМ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на цената на топлинската енергија, која ќе стапи во сила од 1 август.

За домаќинствата што се снабдуваат преку системот ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина, цената ќе се зголеми во просек за 5,96 проценти.

Кај потрошувачите на поранешна Топлана Скопје Север, со која сега управува „Енерџи Еколинк“, поскапувањето ќе изнесува во просек 3,6 проценти, додека за корисниците на ЕСМ Енергетика цената ќе биде повисока за околу пет проценти.

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека по спроведените економско-технички анализи е утврдено дека просечната месечна сметка за парно греење ќе се зголеми за околу 140 денари – од досегашните 2.353 на 2.493 денари.

Тој посочи дека енергетските компании побарале значително повисоко поскапување, од 30 до 130 проценти, но Регулаторната комисија донела одлука за далеку пониска корекција.

Ристов нагласи дека РКЕ ја поддржува иницијативата за спојување на сите компании на ЕСМ што работат во секторот за топлинска енергија, со цел оптимизирање на ресурсите, поголема ефикасност и обезбедување поповолни цени за потрошувачите.

Според анализите на Комисијата, жителите на Скопје кои се греат на топлинска енергија и понатаму плаќаат најниски годишни трошоци во споредба со корисниците на централно греење во Белград, Љубљана, Софија и Сараево.

Во изминатата грејна сезона на системот за централно греење се приклучиле 1.521 нов потрошувач, со што вкупниот број домаќинства што користат топлинска енергија достигнал 67.494.