Марко Видачек од Тетово е избран за претседател на Одборот за хрватско национално малцинство во рамки на Советот на млади на Владата на Хрватска. Со оваа функција, тој воедно ќе ја извршува и должноста потпретседател на Советот.
Изборот беше извршен на конститутивната седница на Советот, одржана вчера во Загреб.
Како претседател на Одборот, Видачек ќе биде надлежен за прашањата поврзани со хрватските национални малцинства во Австрија, Унгарија, Италија, Чешка, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Косово и Македонија, каде што тој е претставник во ова советодавно тело. Во Советот членуваат и претставници од Босна и Херцеговина, како и од европското и прекуокеанското иселеништво.
Советот на млади е советодавно тело на Владата на Република Хрватска и брои 65 членови на возраст од 18 до 30 години.
На конститутивната седница присуствуваа и се обратија хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, претседателката на собранискиот Одбор за Хрватите надвор од Република Хрватска, Здравка Бушиќ, како и други високи претставници.
Марко Видачек е роден во 2000 година. Тој е дипломиран правник, магистер по уставно право и менаџмент на стратегиска комуникација, а во моментов е докторанд на Факултетот за безбедност во Скопје.
Од Македонско-хрватското друштво оценија дека изборот на Видачек претставува значајно признание не само за него, туку и за Македонија, како потврда на долгогодишните добри односи меѓу двете земји. Според нив, неговото учество во раководството на Советот ќе придонесе и за поголема афирмација на македонската култура и соработка на меѓународно ниво.






























