Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,55 проценти. Новите цени ќе се применуваат од полноќ, односно од 28 јули во 00.01 часот.

Според одлуката, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе поскапи за три денари и ќе се продава по 93 денари за литар, додека цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 95 денари за литар.

Најголемо поскапување има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се зголемува за 4,5 денари и ќе изнесува 98,50 денари за литар, додека екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за пет денари и ќе се продава по 98 денари за литар.

РКЕ ја зголеми и цената на мазутот М-1 НС за 2,726 денари по килограм, со што неговата максимална цена ќе достигне 48,099 денари за килограм.

Како причина за новата корекција, од Регулаторната комисија посочуваат дека референтните цени на светските пазари бележат раст. Во однос на претходната пресметка, цените на бензините се повисоки за 6,229 проценти, дизелот за 7,442 проценти, екстра лесното масло за 8,051 процент, а мазутот за 8,159 проценти.

Во пресметковниот период, курсот на денарот во однос на американскиот долар бил понизок за 0,0397 проценти.

Од РКЕ потсетуваат дека станува збор за максимално утврдени малопродажни цени, а трговците имаат можност горивата да ги продаваат и по пониски цени од утврдените.