Sietl pukanje
Фото: ЕПА

Три лица загинаа, а четири се повредени во пукање што се случи синоќа на фестивал на храна во Сиетл. Меѓу повредените е и двегодишно момче, пренесе „Си-ен-ен“.

Полицијата соопшти дека е уапсен еден осомничен, додека по вториот сè уште се трага. Според првичните информации, истражителите веруваат дека двајцата осомничени пукале еден кон друг и дека во моментов нема закана за јавната безбедност.

 – Сè уште се обидуваме да утврдиме што точно се случило“, изјави помошник-началникот на полицијата во Сиетл, Тајрон Дејвис, додавајќи дека засега нема опис на осомничениот кој е во бегство, пренесе „Би-би-си“.

Две од жртвите починале на местото на настанот, додека третото лице им подлегнало на повредите во болница. Повредените се хоспитализирани и се наоѓаат во стабилна состојба.

Портпаролката на противпожарната служба на Сиетл, Грејс Нуњез, потврди дека меѓу повредените има и двегодишно дете. Според портпаролката на болницата, Сузан Грег, жртвите се здобиле со прострелни рани на рацете, стомакот и нозете.

Инцидентот се случил околу 18 часот, при крајот на фестивалот на храна, кој традиционално привлекува стотици продавачи, посетители и изведувачи.

По пукањето, голем број полициски и екипи за итна медицинска помош пристигнале на местото на настанот и ја евакуирале областа околу кампусот во центарот на Сиетл каде што се одржувал фестивалот.

Гувернерот на државата Вашингтон, Боб Фергусон, соопшти дека припадници на специјалната единица SWAT на државната патрола биле распоредени за да ѝ помогнат на локалната полиција.

 – Моите мисли и молитви се со семејствата на жртвите и со службите за итни случаи кои работат на обезбедување на безбедноста на граѓаните – наведе Фергусон во соопштение.