Брилјантниот виолинист Роман Симовиќ од Црна Гора вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе одржи концерт во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. На репертоарот се „Шест сонати за соло виолина“ од Ежен Исаи.
Како солист, Роман Симовиќ настапува со некои од водечките оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, оркестарот на театарот „Марински“, Оркестарот на „Театро Реџио“ во Торино, симфонискиот оркестар во Халифакс (Канада), оркестарот „Франц Лист“ во Унгарија, „Камерата Берн“ во Швајцарија, Камерата Салцбург (Австрија), како и оркестри во Турција, Полска, Холандија. Со диригентите: Валери Георгиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреа Носеда, Кристијан Јерви, Јиржи Белохлавек, Пабло Херас Касадо, Николај Знаидер, Томас Сондергард… Во сезоната 2022/23 Роман ќе настапи со Симфонискиот оркестар во Квебек, Националниот Радио оркестар во Шпанија, Загрепската филхармонија, ќе свири и ќе го предводи оркестарот во Астуриас, ќе настапи и во Брауншвајг и ќе биде солист на турнејата на Лондонскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Сер Сајмон Ратл свирејќи го ретко изведуваниот Концерт за виолина и оркестар од Миклош Рожа.
Овој виолинист со природен талент настапува на многу реномирани фестивали како што се: „Вербие“, „Бели Ноќи“ (Санкт Петербург), „Транс-сибирскиот фестивал“ на Вадим Репин, „Велигденскиот фестивал“, Летниот фестивал во Дубровник, „Котор Арт“ во Црна Гора, БЕМУС и НОМУС во Србија, „Сион-Вале“ во Швајцарија, фестивалот во Берген, „Московски ноќи“, фестивалите во Италија и Шпанија на кои соработува со врвни музички ѕвезди на денешницата: Леонидас Кавакос, Јуџа Ванг, Готје Капусон, Миша Мајски, Шломо Минц, Франсоа Лелу, Итамар Голан, Симон Трпчески, Џанин Јенсен, Јулијан Рахлин, Вадим Репин, Евгениј Кисин, Антоан Таместит, Антонио Менезес, Николај Лугански и др.
Симовиќ е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија, Србија, Црна Гора, Израел како и на Фестивалот во Вербие, таму често настапува како солист со оркестар, камерен музичар или со рецитал. Добитник е на повеќе престижни награди за виолинисти.
Од 2010 година тој е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.