Вечерта на Европската Унија на „Охридско лето“ беше одлична можност да се ужива во звуците на кларинетот и пијаното преку извонредниот концерт на младите и талентирани уметници, Шпанецот Пабло Бараган и француската пијанистка Елоиз Бела Кон. Обраќајќи се пред присутната публика во црквата „Света Софија“, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир, нагласи дека „Охридско лето“ е многу цврсто внесено на меѓународната културна мапа.
– Од 2007 година ја поддржуваме Европската вечер на „Охридско лето“, фестивал што сега многу цврсто е внесен на меѓународната културна мапа. Секогаш сме почестени од извонредната музика што се изведува тука, во извонредната атмосфера на величенствената црква „Света Софија“. Откако ги слушнав уметниците Пабло Бараган и Елоис Бела Кон, можам да кажам дека стандардите за вечерашната ноќ беа на највисоко ниво. Ова е само дел од нашите заложби преку кои ги поддржуваме културата во ЕУ и културата што е тука – рече евроамбасадорот Гир.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, се заблагодари за несебичната поддршка што ја дава Делегацијата на ЕУ и рече дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.
Ексклузивецот на компанијата за изработка на кларинети „Бакун“, кој свири на модел на кларинет „бакун лумиер“, Пабло Бараган, отсекогаш ѝ придавал огромно значење на интеракцијата помеѓу музичарите за време на заедничкото музицирање, сметајќи дека токму таа симбиоза помеѓу нив е идеалот при интерпретацијата на музичките дела. Од оваа појдовна точка тој ги креира своите соло-настапи со оркестар што меѓу друго ги вклучува симфониските оркестри во Базел и Хамбург, симфонискиот оркестар на шпанската РТВ, Словачката филхармонија. Пијанистката Елоиз Бела Кон е редовно застапена на некои од најзначајните фестивали и концертни подиуми во Франција, како театарот „Шанзелизе“, салата „Гаво“, аудиториумот на музејот „Орсај“, салата на француското радио, фестивалот „Рок Антерон“, фестивалите во Лил, Тулуз, Руен, како и на интернационалниот фестивал во Акс ен Прованс. За нејзините три албуми е добитничка на наградите „Шок-класика“ и „Златен дијапазон“, како и на наградата на музичките критичари на Франција.