„Интерарт културниот центар“, во соработка и со поддршка на швајцарската амбасада во Скопје, ја продолжува националната турнеја на проектот „Простор за разговор“, со настан во соработка со Женскиот центар за поддршка од Битола и ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, во чии рамки се прикажа филмот „Простор за разговор“.
Филмот „Простор за разговор“ е во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музиката е на Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а сценското обликување и светлото на Матеа Мијановиќ. Настапуваат танчарите на „Скопје танцовиот театар“ Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Бобан Русески, како и Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Филмот е создаден како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родова еднаквост и семејно насилство, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем.
На темата се обратија Наташа Илиева, директорка на училиштето, Александра Мицевска, дипломиран лиценциран психолог, едукант на гешталт-психотерапија, и Рисима Рисимкин, уметница и професорка, авторка на проектот.
Националната турнеја на проектот се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со темата на родовата еднаквост и родово базирано насилство.
Женскиот центар за поддршка од Битола е првото специјализирано советувалиште за жени и деца жртви на насилство во Пелагонискиот Регион, кое обезбедува услуги за кориснички од општината Битола и околните општини. Моментално е четврти ваков центар со кој раководи Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, откако во 2021 г. беа отворени женските центри во Скопје и Тетово, и во септември 2022 г. во Кавадарци. Овие центри се специјализирани советувалишта за жени и деца што се справуваат со родово базирано и семејно насилство, и обезбедуваат бесплатни и доверливи услуги за помош и поддршка.