Монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторката Анета Светиева беше промовирана вчера во „Даутпашиниот амам“ во Скопје. Промотор на книгата беше историчарот на уметноста Небојша Вилиќ. Во извадокот од текстот на авторката Викторија Васева Димеска се вели дека слоевитоста на животот и комплексноста на творештвото на Светиева, вкрстувањето на нејзините животни тешко проодливи патишта и ситуации со нејзиното дело, колку и да го отежнуваат нивното ткаење, беа и нејзината единствена вистинска патека кон духовната слобода, а со тоа ѝ го овозможија и замавот за градење еден специфичен и автентичен свет, со целосна предаденост на барањето на вистината и во животот и во творештвото: бескомпромисност во ставот кон вредносниот систем и перманентно барање на универзалните вредности.
Во 1960-тите години, скулптурата на Светиева подразбира анатомски истражувања, со понагласен експресивен гест и меко моделирање со прсти, во 1970-тите ја надградува и усовршува формата, за во 1980-тите да го пречистува и смирува обликот ставајќи го акцентот на слоевитоста на духовната енергија, напластена во формата, додека надворешната епидерма станува прегнантна мембрана што го обвиткува вкочанетиот и достоинствен облик – оди кон замрзнување на формата. Во своите први настапи во седумдесеттите години, кога сѐ уште е присутен плуралистички приод кон делото, направи помак кон една прочистена уметничка поларизација, непослушно се одметна од академските стереотипи и влезе во зоната што ги означи ликот и духот на нејзината скулптура, која критиката ја дефинира како дела со јасно концептуално и изведувачко проседе, надвор од тогашните вообичаени јазички модели.
– Основните карактеристики на скулпторскиот опус на Светиева подразбираат груб, „недовршен“, статичен, траен облик, тактилно, меко моделирање, симболична, суптилна употреба на боја, на врежани орнаменти и на бели инкарнати, исклучителен респект кон материјалот и неговите законитости, лесно совладување на просторот до степен на неговото асимилирање, како и употреба на антропоморфни, зооморфни, флорални и предметовидни форми, просопоморфни обележја, андрогени, биполарни суштества – велат од НГМ.