Стогодишнината од раѓањето на македонскиот класик Ацо Шопов се чествуваше и на филозофските факултети при државните универзитети во Загреб и во Љубљана, со учество на студенти од двата универзитета и на просветни работници, како и на проучувачи и почитувачи на македонската книжевност и култура од Хрватска и од Словенија. Настанот се одржа во организација на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности во Загреб, под раководство на Ивица Баковиќ, во соработка со Катедрата за славистика во Љубљана, под раководство на Намита Субиото.
По предавањето на Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, беше промовирана антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“, приредена од неа и од Иван Антоновски.

– Во годината што му е посветена на Ацо Шопов сосема природно беше во декември, месецот кога се навршуваат 100 години од неговото раѓање, да се организира еден ваков настан, и тоа токму помеѓу Скопје, Љубљана и Загреб. А ова дружење не беше затворено во академските и книжевнонаучни рамки, туку прерасна во вистинско дружење или вистинско поетско попладне. Со предавањето на Мојсова-Чепишевска, сите слушатели добија можност да се запознаат со основните и клучните карактеристики на поетиката, животот и делото на Шопов, а со промоцијата на најновата антологија на младата македонска поезија, „Ново раѓање на зборот“, во Љубљана и во Загреб ги слушнавме и гласот и зборовите на новите генерации на македонските поети. Поетската реч на Ацо Шопов во годинава што наскоро ќе ја оставиме зад нас навистина одекнуваше не само во Македонија туку и во другите култури, на другите слoвенски и неслoвенски јазици. Уверен сум дека со крајот на јубилејната година, зборот на Шопов нема да стивне – истакна професорот Баковиќ од Универзитетот во Загреб.

Предавањето на Мојсова-Чепишевска, покрај тоа што ги опфати спецификите на различните творечки кругови на Шопов, беше посветено и на поетиката на тишината и на поетиката на мистичното и езотеричното во творештвото на македонскиот класик, опфаќајќи и малку коментирани аспекти на неговото творештво што се поттик и за натамошни истражувања.

– Предавањето на Мојсова-Чепишевска со голем интерес го следевме и со студентите по јужнословенски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Таа прегледно ни го претстави творештвото на големиот поет преку четирите творечки круга, а потоа се задржа на неговата поетика – поетиката на тишината и поетиката на мистичното и езотеричното и на објаснувањето на поимите „небиднина“ и „црно сонце“. Но, дека Шопов навистина е канонизиран поет покажа и кратката промоција на антологијата на младата македонска поезија. Љубопитно и внимателно ги ислушавме и четворицата млади поети што се вклучија во промоцијата, бидејќи се решивме во летниот семестар да започнеме со преведување одбрани песни од антологијата – нагласи Субиото од Универзитетот во Љубљана.

В.Д.