Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју продукција“, е селектиран на десет меѓународни филмски фестивали. Филмот се прикажа на Филмскиот фестивал за независни филмови во Џакарта, Индонезија, на фестивалот „Петит план – Европа“ во Францускиот културен центар и „Гете-институтот“ во Атина, Грција, а во официјална селекција и на 19. издание на Меѓународниот фестивал за жени во филм и телевизија што се одржува во Мексико Сити, Мексико, од 1 до 5 ноември.
Потоа филмот патува на филмскиот фестивал „Меѓународно село“ во Апорија, Јужна Корејa, од 2 до 6 ноември, на меѓународниот фестивал ФИКО од 3 до 6 ноември во Гуатапе, во регионот Антиокија во Колумбија и на Филмскиот фестивал во Жирона, во Каталонија, во Шпанија, од 6 до 12 ноември.

„Шеќерни луѓе“ ќе биде прикажан и на меѓународниот филмски фестивал „Портрет“, кој се одржува во Софија, Бугарија, од 9 до 19 ноември, каде што филмот ќе има две проекции (во Софија и во Пловдив), на 10. издание на Филмскиот фестивал за кратки филмови во Гоа, Индија, кој се одржува од 20 до 28 ноември, на филмскиот фестивал „Синалфама“ во Лисабон, Португалија, каде што филмот е номиниран за најдобра актерска игра на Сара Климоска, на меѓународниот филмски фестивал „Прв кадар“, кој ќе се одржи од 20 до 24 ноември во источно Сараево и Зворник, Република Српска, Босна и Херцеговина
Досега „Шеќерни луѓе“ е награден со 23 награди во различни категории и селектиран на 70 филмски фестивали низ светот.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев. В.Д.