Филмот „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски ја финишира извонредно успешната и плодна фестивалска година со проекции во Стокхолм, Рим, Хаг и во Лондон, а следната година ја почнува со официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина. Филмот од 2 ноември е и на редовниот кинорепертоар во Хрватска.
На крајот на месецов, режисерот Манчевски ќе присуствува на проекцијата во Хаг и ќе одговара на прашања на публиката, по што ќе почне и киноприкажувањето низ Холандија. Исто така, Манчевски ќе присуствува и на проекцијата во Рим. По барање на македонската амбасада, на 29 ноември „Кајмак“ ќе се прикажува во Лондон за студентите и поширокиот академски аудиториум на „Јуневерзити коле Лондон“. Минатиот месец, пак, „Кајмак“ го отвори 18. издание на Македонскиот филмски фестивал во Торонто.
По покана на Институтот за филм на Шангајскиот универзитет и шпанскиот Универзитет на Кастилја – Ла Манча, Манчевски минатиот месец во Толедо, Шпанија, одржа десетдневен семинар за филмска режија, за класата студенти на овие универзитети. Изминатава година Манчевски одржа серија мастеркласови на фестивалите низ светот, од Токио, преку Калабрија, Тирана, Торонто и други, кои предизвикаа особено внимание кај стручната јавност и публиката
„Кајмак“ е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Свети Китс и Невис до Данска, Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.