Промоција на стихозбирката „Карпа во морето“ од Павлина Атанасова, чија промоторка беше Јулијана Величковска, се одржа на платото пред МКЦ – Скопје.
– Поезијата на Павлина Атанасова е од тие што ве тераат и вие да пишувате. Сликите создаваат слики, ритамот – ритам. Спокојно му е на читателот во нејзините соништа и во нејзините води. Сè поретко ми се случува, како што сега ми се случува, тоа што ќе го прочитам да ме остави со чувство на смисла – вели Ѓоко Здравески.
Според Стефан Костоски, поезијата на Атанасова е тивка вода што спокојно ги слуша сите звуци на универзумот.
– Сеќавањата, што се наметнуваат ин медиа рес во песните од „Карпа во морето“, испливуваат токму од водата, доаѓаат со пладневниот дожд, кој потоа се врзува со темите на домот и на идентитетот. Тоа е моментот на мирната, тивка и сонлива доба на природата кога се размислува за саканите, за живите, за мртвите, понатаму, за среќата, за тагата, за љубовта и за надежта – вели Костоски.
Павлина Атанасова (1993, Штип) пишува поезија и кратки раскази.
Авторка е на стихозбирките: „Големата прегратка“ што беше во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“. Учествувала на „Поетска ноќ во Велестово“, на „Струшките вечери на поезијата“ и на „Скопскиот поетски фестивал“. Нејзини песни се препеани на српски, хрватски, албански и на турски јазик.