На сцената на Македонскиот народен театар утревечер премиерно ќе биде изведена претставата „Сите сме птици“, работена по текстот на либанско-канадскиот автор Важди Муавад, а во режија на реномираниот Слободан Унковски. Оваа моќна современа драма, која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме.
Во драмата на оригиналниот и современ автор од либанско-канадско потекло Важди Муавад, додека во светот се случуваат израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знае за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим, младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (Американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна…
Во претставата игра моќна актерска екипа: Дамјан Цветановски, Сара Климоска, Тина Трпкоска, Звездана Ангеловска, Николина Кујача, Емил Рубен, Никола Ристановски и др. Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимографка е Роза Трајческа-Ристовска и композиторка е Ирена Поповиќ-Драговиќ. Следните изведби се закажани на 20 и 21 декември, како и на 30 и 31 јануари со почеток во 20 часот.