Илустрација/Фото: Игор Бансколиев

Европската Унија вчера ѝ додели на Босна и Херцеговина кандидатски статус за членство, што беше проследено со честитки од Брисел, но и со пораки за спроведување на реформи, а косовскиот премиер Албин Курти, истиот ден во Прага, ја поднесе апликацијата на Косово за членство во Унијата, изразувајќи надеж за влез во европското семејство за девет години. На тој начин дополнително се полни „балканската чекалница“ за влез во ЕУ во која веќе се сместени Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Тајмингот на придвижувањето на евроинтеграциите на Косово и на БиХ е специфичен поради тамошното соочување со политички кризи, како и поради војната во Украина, па упатените во состојбите во ЕУ сметаат дека актуелната ситуација веројатно го поттикнала процесот, додавајќи дека, сепак, станува збор за позитивен чекор.

– Не е веројатно дека Косово ќе оствари напредок, особено бидејќи неколку земји-членки на ЕУ не ја признаваат неговата независност. Кандидатурата на Косово можеби претставува порака кон Србија за дијалогот и за усвојување на одредена резолуција. И кандидатскиот статус на БиХ е поврзан со ургентноста на војната во Украина. Можеби не се потполно заслужени, но се за поздравување како нов импулс во процесот на проширување што е во застој. Своевремено ЕУ постапи слично и со пристапниот процес на Грција, Романија и на Бугарија – посочува директорот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје, Марко Трошановски.

Марко Трошановски/Фото: Принт-скрин

Поранешниот амбасадор Огнен Малевски смета дека во случаите на Косово и на БиХ дошло до задоцнета реакција на ЕУ, додека нагласува дека секако не смее да постои „црна дупка“ на Балканот.

– Јас сум еврооптимист, но начинот на кој ЕУ се однесува претставува лоша приказна, со малтретирањето кое трае 20 години. Ова претставува многу задоцнета реакција во ситуација кога спласнува позитивното размислување за ЕУ. Изгубено е драгоцено време, особено бидејќи треба да се спроведуваат и тешки реформи. Скептичен сум во врска со Косово бидејќи пет членки на ЕУ не го признаваат, а потребно е и затворање на билатералното прашање со Србија. Можеби треба да се изнајде друга формула за да се охрабри регионот, но ова секако е позитивен чекор бидејќи не смее да постои црна дупка на Балканот – истакнува Малевски.

Огнен Малевски/Фото: Архива

Водечките функционери во ЕУ постојано го охрабруваат Балканот со нови ветувања, но државите од регионот засега остануваат заглавени во чекалницата на патот кон Унијата, па останува да се види дали ќе сегашните потези на Брисел ќе претставуваат поттик за процесот на проширување што наиде на застој.