фото: Официјална фејсбук-страница на „Александар Палас“

Полицијата заврши со проверките на скопскиот аеродром и дел од училиштата и утврди дека станува збор за лажни пријави, соопштија од МВР за МИА.

Заврши евакуацијата и во хотелот „Александар Палас“. Гостите се враќаат во објектот, од кои некои со себе понесоа и куфери.

Од МВР посочуваат дека по завршување на проверките ќе информираат и за другите објекти.

Утрово на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и Фудбалската федерација на Македонија, хотел „Александар Палас“, хотел „Мериот“, трговски центар „Ист Гејт“, спортска сала „Борис Трајковски“ и Меѓународен аеродром Скопје беше упатена закана за поставена експлозивна направа.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Деновиве цел на дојави за бомби, покрај училишта, се и институции, трговски центри и други објекти. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани досега рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочија дека се лажни.