Во периодот од 21 до 24 март годинава, „Скопје сити мол“ заедно со фондацијата „Ацо Шопов поезија“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ публикации“ и „Култура бета“ го организира проектот „Денови на поезијата“ со низа настани што ја промовираат поезијата.
Еден од настаните е и „Скопје си ти“ – предвиден како настан за поддршка на младите поети почетници, за оние што можеби и не објавиле ништо досега, нудејќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати. Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат кратка биографија и две свои песни на темата „Скопје“ или, воопшто, урбана поезија, во ворд-документ на мејлот [email protected] најдоцна до 6 март.
Имињата на одбраните поети учесници на настанот ќе бидат објавени на 13 март на страниците на Фејсбук и на Инстаграм на „Култура бета“ и „ПНВ публикации“, а настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“ на 24 март, со почеток од 19.30 часот.